Од почетокот на годинава компанијата „Брако“ од Велес вработи 119 лица од кои 84 се на возраст до 40 години.
Со отворањето нови работни места, младите од Велес и државава, ја наоѓаат својата перспектива во компаниите кои се дел од Групацијата Фероинвест. Таа брои 1000 вработени од кои 150 се инженери, со што директно се ублажува трендот на иселување и се придонесува во стабилизацијата на економијата.
Групацијата „Фероинвест“ има инвестиционен циклус од 21 милион евра, од кои 8 милиони евра се инвестирани во фабриката „Брако“ со што се одржува динамиката на компаниите и производствениот континуитет.
Некои од нововработените го реализираат и своето прво вработување, започнувајќи да ја градат инженерската кариера токму тука, во некои од производствените програми на компанијата како што се производство на медицински мебел и медицински помагала, производство на најдобрите чистачи на улици под брендот „Green Machines“. Производствени програми кои отворија нови работни места го вклучуваат и производството на опрема и приклучна механизација за вилушкари, производството на мобилни утоварни рампи, машини за додавање на лимови на ЦНЦ ласери, куќишта за турбини за мали хидроцентрали и жичани производи.
Новите проекти и инвестиции ја продолжуваат тенденцијата на отворање нови работни места и тоа во услови на глобална здравствена криза предизвикана од пандемијата на Covid 19, кога компаниите се соочуваат и со 10% отсутност на вработените. Овој шок врз производството се надминува и притоа ниту еден работник не е отпуштен од своето работно место.
Приближно 90 проценти од производите се наменети за извоз. Остатокот, како и најразлични услуги е за домашни компании од областа на металопреработувачката индустрија.