Нови безбедносни мерки на летовите за САД

Патниците во авиосообраќајот се соочуваат со се’ поостроги безбедносни мерки на директните летови со Соединетите Американски Држави. Американската управа соопштила дека патниците нема да можат во авион да внесуваат електронски уреди со испразнети батерии, и дека би можеле да се соочат со дополнителени проверки.

Новите мерки аналитичарите ги поврзуваат со податоците од известувачките служби кои укажуваат на тоа дека Ал Каида работи на нови експлозиви кои тешко се детектираат.

Американската управа за безбедност во сообраќајот побарала од некои од аероромите во странство, кои имаат директни летови до САД, во текот на безбедносните проверки патниците да ги вклучат уредите, поради страв дека би можеле да содржат експлозиви. Мобилните телефони, лаптоп компјутерие, таблетите, ДВД плеерите мораат да бидат исправни, доколку патниците сакаат да ги внесат во авион.

Американските власти стравуват дека Сирија и Ирак, поради актуелните конфликти, станале центар за обука на џихадисти. Некои од нив доаѓаат од Америка или Западна Европа, што значи дека поради своите пасоши можат во моментов да патуваат во САД.

„Наша работа е да се обидеме да го предвидиме следниот напад, а не едноставно да реагираме на претходниот. САД и понатаму се соочуваат со терористичка закана“, порачал секретарот за внатрешна безбедност, Џеј Џонсон.

Американските официјални лица не објавуваат многу детали во врса со новите мерки, ниту сооптуваат на кои странски аеродроми тие ќе се спроведуваат.