Нови даноци за „дотепување“ на граѓаните

Деновиве македонските граѓани добија уште една загрижувачка вест, за можно зголемување на даноците, како мерка на новата Влада, што сериозно може да влијае на дополнителното осиромашување на  граѓаните и стопанството.
Повисоки придонеси, зголемување на данок на добивка, или зголемување на ДДВ? Овие мерки можно е да станат реалност, како непопуларна мерка за зголемување на државниот буџет.

Даночниот советник Павле Гацов, во изјава за медиуми посочи дека треба да се менува даночната политика и дека рамниот данок е главна пречка зошто тешко се полни државната каса.

Сепак од Минстертсвото за финансии демантираат дека се планира зголемување на ДДВ, но до крајот на годинава останува отворена можноста за покренување на јавна дебата за корекции кај персоналиот данок.

Зголемувањето на даноците секако ќе се одрази и на новите странски инвестиции, отворање нови работни места, но и како поттик за заминување од земјава на веќе постоечките инвеститори. Досега, економската политика на новата власт резултираше со намалување на просечната плата и пад на индустриското производство.

Во јули во однос на јуни имаме пад од 2,2 отсто на индустриското производство и тоа доаѓа последователно со намалувањето на просечната плата во Македонија за 0,7 отсто за истиот период, што укажува дека нашите апели и укажувањата дека има сериозни ризици за назадување на економијата се исправни и дека работите во тој дел не одат во добар правец, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, која ја обвини Владата дека нема  интерес да ги продолжи добрите трендови во економијата и големиот ангажман што претходната власт го имаше во правец на отворање на работни места.

Освен загриженоста на граѓаните и стопанствениците и аналитичарите порачуваат дека  сега не е време за измена на даночниот систем, а рамниот данок носи доволно приходи во државниот буџет.

Самиот факт што цели 10 години функционираше рамниот данок, значи дека можеше да продолжи и понатаму. Цврсто сум убеден дека не е време на измена на даночниот систем, односно негово усложнување за воведување на повисоки даноци за одредени даночни обврзници се со цел да се земе од побогатите. Не се согласувам не се тие побогати, затоа што меѓу доход и богатство има голема разлика, сметам дека ќе доведе до зголемување на  даночна евазија, смета поранешниот министер за финансии и универзитетски професор Трајко Славевски.

Зголемувањето на даноците секако ќе предизвика зголемувањето на трошоците за работа на  компаниите, кои бездруго ќе направат своја нова математика, а најголем финансиски удар ќе доживеат сепак граѓаните.