Тајландските власти најавија во неделата нови епидемиолошки ограничувања кои главно се однесуваат на областа на главниот град Бангкок, во обидот да се запре најголемиот раст на коронаинфекциите од избувнувањето на пандемијата во земјата.
Новите мерки ќе стапат на сила во понеделник и ќе важат во текот на следните 30 дена, а вклучуваат забрана за работа на рестораните во Бангкок и во петте провинции кои го опкружуваат. Трговските центри ќе мора да престанат со работа најдоцна до 21 часот, а забранети ќе бидат забавите, прославите и сите други собири со повеќе од 20 лица.
Новите мерки пропишуваат и затворање на градилиштата и претворање на камповите за работниците во карантини, бидејќи токму во тие 37 кампови во областа од мај е регистрирана зголемена бројка на заразените со коронавирусот. Во Бангкок во моментов се активни 575 градилишта на коишто работат 81.000 работници.
Во споменатата област властите ќе постават контролни пунктови со цел да се спречат патувањата во и надвор од провинциите, како и да се спречи преместувањето на градежните работници од една на друга локација. Контролните точки ќе бидат поставени и во уште четири јужни провинции, кои се наоѓаат во близината на границата со Малезија.
Најавените мерки наидоа на жестоки критики од корисниците на социјалните мрежи.
Премиерот Прајат Чан-оча во петокот изјави дека сакал да го избегне зборот „затворање“, како и дека одредени дејности и активности ќе бидат ограничени за да се запре ширењето на вирусот.