Нови граници на идниот национален парк Шар Планина

Вклучување на сите околни планински села во границите на Националниот парк Шар Планина со цел обезбедување еднаков третман и можности за нивен иден развој со што бројот на опфатени села од првичните 8 се зголемува на 30, а заштитената територија се зголеми од 54 215 хектари на 62 705 хектари, предвидува новиот Предлог на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.

Како што соопшти Министерството за животна средина  вклучени се и дополнителни шумски системи во зоната на строга заштита, пред се лоцирани на недостапни места, важни од аспект на заштита од ерозија, зачувување на водните ресурси и зачувување на значаен генетски материјал, а зоната за активно управување која беше поделена на четири единици со вкупна површина 22 420 хектари, во ревидираниот предлог за заштитено подрачје НП Шар Планина е интегрална целина која има потреба од спроведување мерки за подобрување, со вкупна површина 30 763 хектари.

„Дополнително и зоната на строга заштита од интегрална единица со површина 17 978 хектари, во ревидираниот предлог за заштитено подрачје на националниот парк е поделена на 5 посебни единици и тоа  Љуботен,  Бистрица, Кобилица, Лешница и Маздрача, со вкупна површина 16 651 хектари.

Корекцијата, како што се додава, е направена со цел да се вклучат подрачја со ист профил на природни вредности во иста зона на заштита, што е од национално, меѓународно и ЕУ значење и зоните на строга заштита да бидат хомогени просторни единици кои ја следат теренската конфигурација. Со тоа ќе се подобри можноста за користење на другите шумски производи, пасиштата и останатите традиционално управувачки практики, ќе се овозможи развој на туристички дејности и ќе се овозможи прекуграничната соработка за спроведување на заштитата преку синхронизација со постоечкиот парк НП Шари.

– Зоната за одржливо користење, која беше составена од две различни единици, со вкупна површина од 13 677 хектари во ревидираниот предлог за заштитено подрачје НП Шар Планина е интегрална целина со вкупна површина 13 805 хектари. Оваа зона е внимателно предложена со цел да овозможи непречено функционирање на луѓето во населените места на целата територија на паркот. Заради потребата покрај заштита на природата да се овозможи непречено функционирање на објектите од јавен, стратешки и безбедносен интерес во новиот предлог е прадвидено истите да може да се одржуваат во соработка со ЈУ НП Шар Планина и МЖСПП без оглед на зонирањето – посочија од Министерството.

Со цел да се обезбеди непречен развој на ски центарот Попова Шапка, Министерството за животна средина и просторно планирање го зема предвид Мастер планот за развој на Попова Шапка и постоечките тури спроведени од локалните компании, како и ревидираниот предлог за заштитено подрачје НП Шар Планина, што предлага заштитен појас околу ски центарот Попова Шапка со вкупна површина од 1 481 хектари, а при тоа ќе се обезбеди баланс помеѓу заштита на природата и развојот на различни форми на туризам во предвидените рамки.

За изработка на Планот за управување со НП Шар Планина ќе биде ангажиран експертски тим.

– Правото на сопственост е неприкосновено и населените места се предвидени во зоната на одржливо користење со цел непречено нивно функционирање и одржлив развој на регионот. Дополнително со нивното вклучување во националниот парк ќе се подигне стандардот од аспект на комунални услуги, посебно управување со отпадот, пристап до меѓународни фондови за развој на екосистемски услуги, развој на органско производство, подобрена инфраструктура и слично –  велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Резултат на долгиот процес на консултации и остварени над 20 дополнителни консултативни состаноци и средби со засегнати страни, експертски тим, ангажман од Меѓународната унија за конзервација на природата е ревизија на Студијата за валоризација врз основа на што МЖСПП го изработи новиот Предлог на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.