Нови инвестиции во „Молика“ по повод 20 години постоење

Хотелот „Молика“ на Пелистер, кој од неодамна работи во состав на новоформираната компанија „ЕЛЕМ-Турс“ денеска одбележа 20 години од формирањето.

„Во изминатите две децении, во хотелот се регистрирани еден милион гости и над 300 илјади ноќевања,“ истакна директорката Мирјана Митревска на денешната јубилејна свеченост и најави нови инвестиции за што поддршка имаат од АД „ЕЛЕМ“.

„Хотелот е атрактивен и привлечен во секое време, а со новите инвестиции ќе ја зголемиме атрактивноста и посетеноста на гостите од државата и странство. Со владина поддршка и АД ЕЛЕМ извршивме ревитализација на ски-центар „Копанки“, а наскоро ќе следи инсталирањето на опрема за вештачки снег, вредна околу еден милион евра со што ќе се продолжи скијачката сезона на Пелистер. Новиот лик на хотелот ќе биде оформен со изградбата на базен, СПА центар и репрезентативна конференциска сала,“ посочи Митревска.