Израел во четвртокот изврши нови воздушни напади врз Рафах во јужниот дел на Појасот Газа, додека сложените преговори за прекин на огнот продолжуваат. Во бомбардирањето на Појасот Газа во последните 24 часа загинаа 97 лица, соопшти Министерството за здравство на Хамас.
Советникот на американскиот претседател за Блискиот исток, Брет Мекгурк, се очекува подоцна во четвртокот во Израел за да се обиде да го надмине ќор-сокакот во разговорите за прекин на огнот. Пред тоа, тој го посети Каиро, кој оваа седмица го посети и шефот на политичкиот комитет на Хамас, Исмаил Ханија.
Меѓународната заедница е загрижена за судбината на речиси еден ипол милион Палестинци кои од северните и централните делови на енклавата под разорните дејствија на израелската војска се засолните во Рафах. Овој град, кој до пред војната која започна пред четири месеци со нападот на палестинското исламистичко движење Хамас во јужен Израел имаше околу 300.000 жители, се наоѓа на самиот југ близу границата со Египет.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави претстојна копнена офанзива врз градот за да го порази Хамас во неговото „последно упориште“ и да ги ослободи заложниците.
Во средата ноќта израелски авиони извршија десетина напади, јави известувачот на AFP во Појасот Газа. Бил бомбардиран и градот Хан Јунис, на неколку километри северно. Нападната е болницата „Ал Амал“, соопшти палестинската Црвена полумесечина. Втората голема болница во областа, болницата „Насер“, беше заземена од израелската армија на 15-ти февруари.
„Ме разбуди огромна експлозија, како земјотрес. Насекаде имаше оган, чад, експлозии, прашина“, изјавил за агенцијата 21-годишниот Рами ал-Шаер, кој го преживеа нападот во Рафах. „Во текот на ноќта тенкови отворија оган и имаше напади. Тие го уништија Рафах. Бомбардирањата се секојдневни. Евреите сакаат луѓето да го напуштат Рафах и подготвуваат копнен напад“, додал соговорникот на AFP.
Во досегашната израелска офанзива, според Министерството за здравство на Хамас, во Појасот Газа загинале 29.410 луѓе, главно цивили. Хуманитарната ситуација е особено алармантна на северот на палестинската енклава, каде владее „хаос и насилство“, според Светската програма за храна, која во вторникот ја прекина распределбата на помошта. Хуманитарната помош во Појасот Газа влегува главно преку Рафах од Египет, но речиси е невозможно да се стигне до северот на енклавата поради уништената инфраструктура и борбите.
Насилството се разгоре и во другата палестинска енклава Западен брег (на реката Јордан), која меѓународната заедница ја смета за палестинск територија окупирана од Израел во војната во 1967 година. Тројца Палестинци пукале со автоматско оружје кон возилата заглавени во сообраќајот во близина на еврејската населба во близина на Ерусалим во четвртокот, при што според израелската полиција загинало едно лице, а раниле осум.