Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во своето обраќање на годишната конференција на УМС на ВМРО – ДПМНЕ најави нови мерки со кои ќе се поттикнат странските и домашните компании да инвестираат во помалите населени места.
– Она што треба да го разработиме во наредните денови и недели се нови мерки кои Владата би ги презела со цел да се даде додатен стимул, пред се финасиски на компаниите, независно дали странски или домашни, да отворат во ваквите места нови капацитети и да вработат дел од невработените во овие општини. Очекувам дека во наредните две до три недели ќе биде готов концептот, а најдоцна од септември или октомври ќе почнат да се нудат новите стимулативни мерки за отворање на нови работни места во ваков вид населени места, кон кои засега немаме доволен интерес од потенцијалните инвеститори, истакна Груевски на годишната конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека ваквите мерки се преземаат со цел да се поттикнат компаниите да инвестираат и во помалите места каде потешко донесуваат одлука за инвестирање поради малиот број население или просторната и географска оддалеченост.
– Многу е полесно да се убедат инвеститори да дојдат во Скопје, Штип, Битола, Прилеп, Велес и слични градови кои имаат по 40, 50 или повеќе илјади жители од различни квалификациски профили и кои се инфраструктурно добро поврзани. Но, многу е потешко да се убедат да инвестираат во помали места како Крушево, Ростуше, Скудриње, Пехчево, Берово, Ресен, Кривогаштани, Дебарца, Старо Нагоричане, Чучер Сандево, Липково, Лабуншта, Конче, Дебар, Македонска Каменица, Центар Жупа, Пласница, Теарце, Јагуновце, Делчево, Вевчани и слични на нив, каде има помал број жители, особено помал број на високо квалификувани, просторно и инфраструктурно не се на примарните патни делници и најчесто ги одбегнуваат за инвестирање, рече Груевски.