Два дена откако грчката влада ја укина суспензијата за Првата фудбалска лига, дојде до нови навивачки безредија во коишто учествувале најжестоките приврзаници на грчкиот шампион Олимпијакос.
Навивачите на Олимпијакос протестираа пред конгресен центар во кој министерот за финансии Евклид Цакалотос требаше да одржи говор на конвенцијата на владејачката партија Сириза. Навивачите на Олимпијакос сметаат дека владата под водство на коалицијата на радикалната левица Сириза е непријателски настроена кон предградието Пиреа и дека го фаворизиран солунски ПАОК:
Протестираа и поради казната со којашто на Олимпијакос му се одземени три бода, а следните два домашни натпревара ќе мора да ги игра пред празни трибини поради навивачките безредија по поразот од 1:2 од АЕК одигран на 4-ти февруари.
Протестите брзо прераснале во насилство, па грчката полиција морала да употреби солзавец и водени топови за да ги растера гневните навивачи. Со ескалирањето на насилството, организаторите го преместиле организирањето на конвенцијата на друго место, а засега нема информации за приведени и повредени.
Грчката влада ја укина во вторникот суспензијата за првата национална фудбалска лига, откако клубовите ја преземаа обврската да воведат дополнителни и построги мерки против насилствата на стадионите.
Грчките прволигаши ќе го продолжат првенството следниот викенд по паузата од две седмици и инцидентот кога претседателот на ПАОК, Иван Савидис на мечот против АЕК на 11-ти март излезе на теренот со пиштол во појасот. На тој натпревар судијата поништи гол на солунскиот клуб поради офсајд, а по влегувањето на Савидис на теренот настана хаос и прекин. Ден подоцна заменикот министер за спорт, Јоргос Цаислиадис одлучи да ја суспендира најсилната лига.
Грчките медиуми наведуваа некои од мерките, а меѓу нив е и онаа за автоматско испаѓање од лигата на секој клуб кој ќе има проблеми со насилства трипати во една сезона, а предвидени се и многу строги казни за клубовите чиишто водечки луѓе поттикнуваат на насилство. Клубовите отсега ќе бидат целосно одговорни за безбедност на натпреварите на кои се домаќини, а полицијата во зголемена бројност ќе биде присутна на стадионите.