Нови прописи за македонските граѓани за патувања во Австрија, Германија и Грција

Македонија не се смета повеќе за ковид „ризична област” во Германија, па така со најновата одлука на германските власти, им се дозволува неограничен влез во земјата на сите македонски државјани.

Сепак, сите лица над 12 години, кои пристигнуваат во Германија, без разлика со кој вид транспорт и понатаму ќе треба да приложат потврда за негативен тест или потврда за прележан Covid-19 или потврда за целосна вакцинација.

Исто така, со најновата одлука на Грција, сите патници над петгодишна возраст при влез во соседната земја, покрај сертификатите за извршена вакцинација или прележана болест, мораат да поседуваат потврда за негативен резултат од PCR-тест (не постар од 72 часа) или потврда за негативен резултат од рапид-тест (не постар од 24 часа).

За влез во Австрија, пак, сите лица треба да приложат сертификат за целосна вакцинација, или доказ за примена „бустер“ доза на вакцина или доказ за прележана болест (не постари од 6 месеци), заедно со негативен PCR тест (не постар од 72 часа). Во овие случаи не се определува мерка карантин.