Нови протести пред ОЈО за неправедно и политички притворените лица од настаните во Собранието (ВИДЕО)

Втор ден со ред во петокот пред Основното јавно обвинителство (ОЈО) група граѓани ја даваат својата поддршка за притворените лица по немилите настани во Собранието од 27 април и најавуваат дека мирниот протест ќе продолжи сé додека ОЈО не донесе правилна одлука.

Најавувајќи дека нивниот протест ќе станува сé помасовен, собраните го повикаа Основното јавно обвинителство „да не подлегнува на притисоците и да донесе правилна одлука за луѓето кои ја бранеа својата татковина“.

 

„Под итно ослободување на сите кои се во притвор и да се престане со приведување на тие луѓе кои довчера достоинствено и гордо си ја бранеа Република Македонија како унитарна, независна и мултиетничка држава. Сакам да ги охрабрам луѓето од ОЈО да не подлегнуваат на тие притисоци коишто, сите знаеме, дека се од надворешни мрачни сили, потпомогнати од петтоколонаши во Македонија и да се престане со двојниот аршин околу приведување на луѓето. И да го остават правосудниот систем во Република Македонија да одлучува согласно законите и Уставот на Република Македонија“, рече Климент Стоилов поддржувач на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ и пријател на приведените.

 

Стоилов потсети на немилиот настан којшто се одигра на скопско Кале пред неколку години, кога група на граѓани ја спречуваа изградбата на црква на Кале, потенцирајќи дека тогаш имало поголеми шанси за меѓуетнички конфликт.

 

„Сите добро го паметиме настанот што беше на Кале, тогаш постоеја поголеми шанси Решублика Македонија да се запали на меѓуетнички план. Тие луѓе тогаш тоа што го предизвикаа беа осудени на условни казни, а некои и ослободени“, истакна Стоилов.

 

Димче Темелковски поддрувач на неправедно и политички притворените лица од настаните во Собранието посочи дека како и денес и во македонската историја имало предавници при што многу македонски војводи биле предадени од кодоши и шпиони.

 

„Во поново време има еден предавник кој ја предава Република Македонија. Да престане со тоа, затоа што овие луѓе коишто се неосновано, неоправдано приведени затоа што беа испровоцирани од една група на луѓе коишто мислеа дека со тоа дека ќе успеат да дојдат на власт кои се излажале. Тие луѓе се наши браќа и сестри, и верувајте дека нема да дозволиме тие да гнијат по затворите додека одредени терористи се на слобода“, посочи Темелковски.