Нови протести во Грузија поради замрзнување на преговорите со ЕУ, Брисел и Вашингтон предупредуваат

Демонстрантите и полицијата во неделата четврта ноќ по ред се судрија во грузискиот главен град Тбилиси поради противењето на одлуката на владата да ги суспендира до 2028 година пристапните преговори со Европската унија, образложувајќи ја својата одлука со „уценувања“ од Брисел.

Во земјата со 3,7 милиони жители во геостратешки чувствителениот стратешки регион на патот кон Русија – јужен Кавкас, со месеци растат тензиите меѓу владејачката партија Грузиски сон и оние кои ја обвинуваат дека спроведува се поавторитарна, антизападна и проруска политика.

Кризата се продлабочи минатиот четврток откако владата објави дека ќе ги замрзне преговорите со ЕУ на четири години, по што илјадници проевропски демонстранти се судрија со полицијата, која одговори со солзавец и водени топови. Демонстрантите повторно се собраа во Тбилиси во неделата вечерта на централната авенија Руставели. Грузиските медиуми објавија дека има протести во најмалку осум градови и населени места.

ЕУ и Соединетите држави се вознемирени од овие потези, кои ги гледаат како пренасочување на Грузија од прозападниот пат и назад кон руската сфера на влијание. Грузискиот сон вели дека дејствува за да го брани суверенитетот на земјата од надворешно мешање.

Русија внимателно го следи развојот на настаните. Безбедносниот функционер Дмитриј Медведев, поранешен руски претседател и премиер, рече дека е во тек обид за револуција и напиша на Telegram дека Грузија „брзо се движи по украинскиот пат, во мрачна бездна. Обично таквите работи завршуваат многу лошо“.

И грузискиот премеир Иракли Кобихидзе во петокот предупреди дека опозицијата и активистите кои се финансирани од странство имаат намера во Тбилиси да ги повторат смртоносните крвави протести од Киев од 2014 година и да направат „обоена револуција“ со насилна промена на власта преку протести од улицата и безредија.

Кремљ досега воопшто официјално не ги коментираше последните случувања во Грузија, но долго време го обвинува Западот дека поттикнува револуции во постсоветските земји кои Москва сè уште ги смета за дел од својата сфера на влијание.

Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе во саботата ја отфрли најавата на Вашингтон дека става крај на стратешкото партнерство со Грузија, додавајќи дека ќе разговара со новата администрација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп кога тој ќе ја преземе функцијата во јануари.

Проевропската претседателка Саломе Зурабишвили, порашна француска дипломатка и амбасадорка на Франција во Грузија која пред десет години зема грузиско државјанство формирше партија и со поддршка токму на Грузиски сон стана претседателка на земјата, во саботата во видео порака рече дека ќе ги предаде своите службени должности само кога ќе се формира „легитимно избрана влада“, односно дека сегашниот состав на парламентот „нема легимитет“. Со тоа Зурабишвили, чиј мандат завршува подоцна во декември, навестува дополнителни политички турбуленции и безредија.

Грузиската опозиција одби да ги признае резултатите од изборите на 26. октомври, на кои изборната комисија ја прогласи за победничка националистичката партија Грузиски сон. На првата собраниска седница по изборите оваа седмица, пратениците од опозицијата одбија да ги земат своите мандати.

Кобахидзе рече дека ја разбира „емоционалната состојба“ на Зурабишвили. „Се разбира, таа ќе мора да ја напушти резиденцијата на 29-ти декември и да ја предаде оваа зграда на легитимно избраниот претседател“, рече тој.

ЕУ ја предупредува Грузија на „последиците“ поради насилствата

Европската унија може да воведе санкции поради последните настани во Грузија, изјави во неделата новата висока претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.

„Јасно е дека употребата на насилство врз мирните демонстранти не е прифатлива и (грузиската) влада треба да ја почитува волјата на грузискиот народ, но и грузискиот устав“, рече Калас за време на посетата на Киев.

Жестоки судири меѓу полицијата и антивладините демонстранти избија доцна вечерта во саботата во Грузија трета ноќ по ред по одлуката на владата да ги прекине преговорите за влез во Европската унија.

Според грузиските медиуми, полицијата употребила водени топови и солзавец против толпата, а дел од демонстрантите фрлале и запаливи средства кон полицијата. Полицијата со опрема за потиснување безредија истрелала гумени куршуми, солзавец и употреби водени топови за да ги растера демонстрантите кои фрлале запаливи направи, изјави репортер на AFP кој го видел пламенот од прозорецот на зградата.

Демонстрантите подигнаа барикади на главната авенија во Тбилиси.

„Кога станува збор за Европската унија, тоа очигледно има последици за нашиот однос со Грузија“, рече Калас.

Калас, поранешна естонска премиерка позната по екстремните антируски ставови, во неделата ја презеде функцијата прв дипломат на ЕУ.

Калас како можни чекори ги спомена санкциите и визните ограничувања, но рече дека за какви и да се последици ќе се разговара и договори заедно со земјите-членки на ЕУ.

„Јасно е дека грузиската влада не ја почитува волјата на грузискиот народ кога станува збор за иднината на Европа“, рече Калас, „и мислам дека не треба да дозволиме да се извлечат со тоа“.

Санкциите на ЕУ може да се воведат само ако се согласат сите земји од ЕУ. Ова во моментов е сомнително, не само затоа што унгарскиот премиер Виктор Орбан неодамна му изрази поддршка на Кобахидзе.

Дури во неделата наутро униформирани полицајци успеаја да ги растераат демонстрантите собрани пред грузискиот парламент. Демонстрантите потоа поставија блокади во близина на државниот универзитет во главниот град.

Судирите и продлабочената политичка криза меѓу националистичката конзервативна влада и проевропската опозиција се закануваат да ја поделат земјата.

САД го прекинуваат стратешкото партнерство со Грузија

Соединетите држави во неделата објавија дека го прекинуваат стратешкото партнерство со Грузија поради одлуката на владата во Тбилиси да ги суспендира на четири години преговорите за влез во Европската унија.

Овој потег уследи по одлуката на владејачката партија Грузиски сон, обвинувана како авторитарна и проруска, да ги суспендира до 2028 година пристапните преговори со ЕУ правдајќи го тоа со „уцените“ од Брисел, што портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер го нарече „предавство на грузискиот устав“ во објавата на платформата Х.

„Одлуката на Грузискиот сон да го прекине процесот на пристапување на Грузија во ЕУ е спротивна на ветувањето на грузискиот народ содржано во неговиот устав дека ќе се залага за целосна интеграција во Европската унија и НАТО“, соопшти американскиот Стејт департмент во соопштение.

„Грузискиот народ со големо мнозинство ја поддржува интеграцијата со Европа. Со суспендирање на процесот на пристапување на Грузија во ЕУ, Грузискиот сон ја отфрли можноста за поблиски врски со Европа и ја направи Грузија ранлива пред Кремљ“, наведува Милер во писмената изјава.

САД, исто така, ја критикуваат „прекумерната употреба на полициска сила против Грузијците кои сакаат да го искористат своето право на собирање и изразување, вклучително и слободата на мирни протести“.

САД ги опишаа акциите на Грузискиот сон како „антидемократски“ и ја обвинија партијата за „поткопување на основните вредности на демократијата, владеењето на правото и човековите права“.