Нови провокации од Атина и нови забрани за влез на Македонци

 
Македонија била една и грчка и не постоела надвор од Грција, се вели во провокативното соопштение на грчката министерка за Македонија и Тракија, Марија Колиас Царуха која што доаѓа од редовите на Независни Грци, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
Откако нејзиниот колега министерот за миграција, Јанис Музалас не нарече под уставно име, а пратеникот на Сириза, Макис Балаурас рече дека нема против доколку решението за името биде едноставно Македонија, министерката со порака –  оние што не сакале да признаат колку Македонија значела за Грција, барем да внимавале како се изразуваат.
 
“Грција е назaмислива без Македонија. Ова име со себе ја носи историјата, континуитетот и националното битие. Грчкиот идентитет доаѓа од длабочините на вековите од Вергина, Амфиполис, Пела, Дион и сите свети споменици кои што ја отсликуваат Грција во светот”, се вели во изјавата.
 
И покрај овие радикални и максималистички ставови на коалицискиот партнер во грчката влада, медијаторот Метју Нимиц во интервју за грчката ТВ Скај изразува надеж дека по изборите во Македонија, повторно ќе биле создадени услови за активирање на разговoрите за прашањето околу разликите со името.

“Во случајот со пј Р Македонија, каде што има времена влада што ги организира изборите закажани за почетокот на јуни, имам целосна доверба дека ќе имаат решителен и фер изборен процес и ќе формираат нова влада. И кога ќе има нова влада во Скопје, мислам дека и Атина и Скопје ќе сакаат да се сретнат заедно со мене и другите заинтересирани страни и дека ќе се вклучат во сериозни напори за решавање на прашањето”, изјави Нимиц.
 
Во меѓувреме, на македонско-грчката граница повторно беше забранет влез за Македонци. Станува збор за пејачката на бендот Љубојна и еден политички бегалец, кои што биле упатени на прославата на роденденот на весникот на Македонците во Грција, Нова Зора. Од партијата на Македонците во Грција “Виножито” велат дека целта на забраната била саботирање на настанот.
 
“Без никакво оправдување и објаснување од граничните власти, беше решено да не се дозволи влез на пејачката, но и на еден политички бегалец. Важно да се спомене е дека истиот бенд пред неколку денови настапи на Балкан Фест во Солун без никаков проблем. Да ве потсетиме дека слични реакции има и од полицијата, која што изгледа дека е особено чувствителна на настаните поврзани со македонскиот етнички идентитет, без разлика дали се политички или рекреативни”, се вели во соопштението на “Виножито”.
 
Од таму потсетуваат дека и пред две години имало обид за прекинување на прославата на Нова Зора во Воден, по наводната дојава за поставена бомба во објектот. Настаните во организација на македонското малцинство во Грција во минатото беа саботирани и преку исклучување на електричната енергија, блокади на патишатата, евидентирање на регистарските таблички на присутните и снимање на лицата. Од “Виножито” сметаат дека ваквото однесување на грчките власти е показател на страв и несигурност.