На Волстрит, индексите Dow Jones и S&P 500 достигнаа ново рекордно ниво во вторникот, а рударскиот сектор беше најголем добитник бидејќи цените на суровините се зголемија откако Кина воведе нови економски мерки за стимулирање.
Индексот Dow Jones зајакна 0,20 отсто, на 42.208 поени, додека S&P 500 порасна за 0,25 отсто, на 5.732 поени, а Nasdaq индексот зајакна 0,56 отсто, на 18.074 поени.
Во пет од 11-те најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите вчера пораснаа, највисоко во рударскиот сектор, за 1,35 отсто.
Ова е благодарение на растот на цените на суровините, бидејќи се очекува зголемување на побарувачката по новите стимулативни мерки во кинеската економија, најголемиот светски потрошувач на суровини.
Бидејќи кинеската економија веќе подолго време расте побавно од очекуваното, вчера тамошните власти најавија намалување на каматните стапки и стапката на издвојување на задолжителните резерви на банките, што треба да го стимулира кредитирањето и економскиот раст. Дополнително, најавени се и нови мерки во насока на сузбивање на долгорочната криза на кинескиот пазар на недвижности.
„Ова зголемување на цените главно се должи на новите стимулативни мерки во Кина, кои го поттикнаа силниот раст на најважните светски берзански индекси. Во исто време, растот на цените беше предводен од рударскиот сектор и компаниите кои се повеќе фокусирани на водење бизнис во Кина“, вели Захари Хил, директор во компанијата „Horizon Investments“.
Така, позитивниот тренд продолжи и на најголемата светска берза, која зема замав минатата среда кога американската централна бранка ги намали каматните стапки за 0,5 процентни поени и најави дека до крајот на годината може да ги намали за дополнителни 0,5 процентни поени.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,28 отсто, на 8.282 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,80 отсто, на 18.996 поени, а париски CAC зајакна за 1,28 отсто, на 7.604 поени.