Нови рестриктивни мерки – Ако не се почитуваат следува полициски час

Комисијата за заразни болести утре ќе ѝ предложи на Владата нови рестриктивни мерки кои ќе опфатат сите економски оператори да работат до 23 часот, ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 проценти и препорака до целата државна и јавна администрација, општини и судови, работниот процес да се одвива во смени, онлајн од дома или по систем на ротации. Сето тоа, смета министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска ги презентираше новите мерки, ќе го намали и притисокот врз јавниот превоз.

„Следен чекор би бил целосно ограничување на движењето, однсоно полициски час. Да смогнеме сили да ги почитуваме мерките, затоа што ова е начинот кој треба да се функционира, затоа што доаѓаат уште поладни есенски и зимски месеци“, рече Филипче.

Денеска Собранието по скратена постапка треба да ги усвои измените во законот кои предвидуваат носење маска на отворено, ограничување на семејни собири, ограничување на групирање надвор по 22 часот.
Венко Филипче рече дека следниот чекор е полициски час, доколку овие мерки не дадат резултат, односно не се почитуваат. Тој уште еднаш апелираше на почитување на мерките.