Во текот на денот и вечерта во саботата илјадници граѓани запалија свеќи, положија цвеќе и оставија играчки и слатки во центарот на Нови Сад, оддавајќи им почит на жртвите од вчерашната несреќа на железничката станица кога загинаа 14 претежно млади лица, а три лица се тешко повредени.
„Низ градот одекнува громогласна тишина“, рече еден од учесниците на спонтаниот комеморативен собир, а граѓаните низ Србија и во некои градови од регионот им оддаваат почит на жртвите со палење свеќи.
Во меѓувреме, сѐ погласни се барањата на јавноста што побрзо да се процесуираат одговорните и да се изведат пред суд.
Кривична и политичка одговорност во петокот вечерта побара и српскиот претседател Александар Вучиќ, а првиот функционер кој беше сослушан во новосадската полиција во присуство на обвинители беше министерот за транспорт, градежништво и инфраструктура Горан Весиќ.
Тој на Instagram објави дека на повик од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад веднаш отишол во полициската управа и дал изјава. Весиќ наведува дека Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура „целосно соработува со обвинителството за расветлување на причините за оваа страшна трагедија“.
Во петокот вечерта по несреќата, Весиќ во изјава за новинарите изјави дека урнатата настрешница не била реконструирана при неодамнешното реновирање на станицата во Нови Сад. Весиќ демантираше дека настрешницата е реконструирана и покрај инсистирањето на новинарите дека се изведувале работи и оти секој тоа можел да го види.
Со оглед на тоа што најголем дел од српската јавност го поврзува случајот со корупција, злоупотреби и бескрупулозно работење, Јавното обвинителство за организиран криминал најави дека „ќе одлучи за евентуално постапување во случајот со вчерашната трагедија дури кога Вишото јавно обвинителство во Нови Сад ќе утврди кое е причина“ за несреќата и согласно прописите со кои се утврдува надлежност во тој случај.