Нови Сад: Тројцата повредени сѐ уште во критична состојба, погребана првата жртва

Во неделата во Каќ е погребана 16-годишната Милица Адамовиќ, една од четирите жртви од тој град во Војводина, од вкупно 14-те кои загинаа во петокот при уривање на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, а лекарите продолжуваат да се борат за животите на трите тешко повредени млади лица.

Стотици луѓе денеска се собраа на погребот во Каќ, каде во наредните денови ќе бидат погребани останатите жртви од тој град. Погреби се најавени и на неколку други места во Војводина, од каде што беа најголемиот дел од загинатите.

Директорката на Универзитетскиот клинички центар во Војводина, д-р Весна Туркулов, во неделата изјави дека состојбата на трите повредени лица при уривањето на настрешницата на станицата се уште е многу сериозна.

„Сите тројца се живи, тоа е најважно. Состојбата е малку постабилна, но е далеку од стабилна. Дијагностиката и интервенциите се во тек. Сите сѐ уште се во животна опасност и сите се во тешка состојба“, изјави Туркулов за новинарите.

Додаде дека сите повредени сè уште се на апарати за вештачко ришење и се подложени на процедури за тешки повреди, пренесе Радио-телевизија на Србија.

На подрачјето на Нови Сад е прогласена тридневна жалост во врска со трагедијата која се случи во петокот околу пладнето и во која загина и македонски државјанин.