![Italija koronavirus](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/02/Italija-koronavirus.jpg?resize=650%2C358&ssl=1)
Додека континентална Кина пријавува намалување на бројот новозаразени од новиот сој коронавирус Covid-19 како и бројот на починати, во светот во вторникот се пријавени нови смртни случаи како последица на инфекцијата, во САД, Франција и Шпанија, а Италија извести за голем број починати во едно деноноќие со кој бројот на жртвите се искачи во оваа земја на 79.
Бројот на жртвите од коронавирусот во американската сојузна држава Вашингтон на пацифичкиот брег, се зголеми на девет починати пациенти, соопшти одделот за здравство на државата. Претходно беше соопштено за шест смртни исходи како последица на заразата.
Покрај тоа, потврдени се уште 27 случаи на новозаразени во Вашингтон, а повеќе до 230 луѓе се под лекарска опсервација. Градот Њујорк, кој досега беше поштеден од појавата на коронавирусот, соопшти дека се регистрирани два случаи на зараза со Covid-19.
Француските власти истовремено во вторникот вечерта известија дека во оваа земја починала и четвртата жртва од коронавирусот.
Порталот France Info, повикувајќи се на Генералната дирекција за здравство, пренесува дека четвртиот смртен исход од коронавирусот е регистриран во депармантот Морбиан, на западот од Франција.
Станува збор за пациент на возраст од 92 години, кој се заразил со коронавирусот. Со тоа показателите се зголемија на четири смртни случаи од 204 инфицирани, се наведува во извештајот.
Шпанското специјализирано медицинско издание Redaccion Medica во вторникот објави дека тамошните власти го регистрирале првиот смртен слуќај од коронавирус.
„Во Шпанија е регистиран првиот летален исход од коронавирусот. Станува збор за пациент од болницата ‘Арнау Виланова’ во Валенсија, кој починал на 13-ти февраури по тешка пневмонија“, се наведува во соопштението на здравствените власти.
„Во моментот на смртта, периодот на инкубацијата на болеста надмина 14 денови“, појасни министерката за здравство Ана Барсело.
Според изданието, шпанското министерство за здравство утврдило дека пациентот починал од вирусот, по повторната анализа на примероците од пациентот.
Претходно беше објавено дека бројот потврден случаи на зараза со новиот коронавирус во Шпанија се искачил на 151 човек. Постојаното зголемување на случаите на инфекција во Шпанија се регистрира од 24-ти февруари. До овој датум во земјата имаше само дава случаи на зараза, по еден на Канарските и на Балераскиот острови, и стануваше збор за странски државјани, кои се заразиле надвор од Шпанија. И двајцата пациенти се опоравиле и се отпуштени од болниците.