Нови спотови на „Си-Ен-Ен“ за туристичка промоција на земјава

Ќе продолжиме со промоција на Македонија како туристичка дестинација, тоа значи ќе продолжиме со интензивните рекламирања и подготовка на спотови за најпознатите светски медиуми како што е „Си-Ен-Ен“, „Травел ченел“, „Јуро њус“, „Јуро спорт“, „Мај планет“, истакна денеска Владимир Пешевски, говорејќи за новата стратегија за развој на туризмот во земјава, претставена во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

„Кај сите овие предвидено е изработка на нови спотови, некаде повторување на постоечките, но зголемен број на емитувања со цел да се испромовира државата што повеќе како туристичка дестинација, особено во земјите на Бенелукс, со компаниите Турис, со компанијата Коран Дол со кој што веќе имаме соработка за заедничко рекламирање по принципот 50-50. Само за оваа група предвиден е буџет од 270 илјади евра од нас и 270 илјади евра од тие две компании кои што во весници во списанија и во неколку телевизиски емисии преку цела една рекламна кампања ќе се промовира Македонија како туристичка дестинација“, посочи Пешевски, додавајќи дека во изминативе шест години бројот на туристи е зголемен за 40 отсто.

Тој најави субвенционирање на странскиот организиран туристички промет во земјава. Имено, туроператорите кои што носат поголеми групи што остануваат во Македонија најмалку три дена и се сместуваат во хотелски капацитет, од Владата ќе добијат определена финансиска надокнада за дел од.

Во план е да се развиваат и нови форми на туризам во националните паркови. Дел од финансирањето ќе биде обезбедено од самиот национален парк, а дел од националниот буџет, а дел од проектите ќе бидат понудени и на јавно приватно партнерство со цел да се формираат и нови сместувачки капацитети, нови ресторани, бунгалови и автокампови.

„Ќе продолжиме да бараме инвеститори и проширување на туристичките развојни зони. Покрај досегашните локации кои се наоѓаат во близина на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, ќе формираме вакви зони и во пределот на Попова Шапка, Берово и Крушево. Во секоја од овие зони е предвидено да се привлече инвеститор кој понатаму ќе развие нов сет на содржини“, истакна Пешевски.

Дел од проектите во програмата се однесуваат на отворање нова сезонска авиолинија Охрид- Лондон, развој на програмата 50-50 преку ИПАРД за изградба на рурални сместувачки капацитети, при што 50 отсто од средствата кои се инвестирани во вакви капацитети се враќаат преку ИПАРД фондовите.

„Ќе продолжиме да ги ставаме во функција ловните и детски домови кои подолг временски период се надвор од функција, ќе бидат понудени на продажба на приватни инвеститори.

Во програмата е предвиден скијачкиот центар на Водно и скијачкиот центар Копанки во Пелистер, кој предвидуваме продолжување на скијачката сезона, изградба на систем за производство на технички снег, како и обновување на хотелот Молика.