Шест студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии, од денеска, се нови стипендисти на најголемите електро-енергетски компании во земјава – АД ЕСМ, ЕВН Македонија АД Скопје и АД МЕПСО. Стипендиите за студентите на ФЕИТ се доделуваат осум години и досега поддршка добиле околу стотина стипендисти.
На денешното доделување на стипендиите, деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски изрази огромно задоволство од неколкугодишната соработка и поддршка за студентите на Факултетот.
„Доделувањето стипендии стана традиција и нашите студенти – стипендисти добиваат одлична поддршка со обезбедување средства за нивна едукација, можност за практична работа и за нивно вработување во овие компании. Преку нашите студенти и ние сме во контакт со овие компании и постојано ја преиспитуваме нашата образовна политика и ја прилагодуваме на потребите на стопанството“, порача Ташковски.
Традицијата во доделување стипендии за студентите на ФЕИТ ја потенцираше и м-р Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ.
,,Вложувањето во кадри, особено од електротехниката и информациските технологии кои се се побарани во светот и кај нас, е гарант дека нашата економија ќе се развива во вистински правец и ќе има стручни лица кои во иднина ќе го понесат товарот на развојот кон модерни техничко-технолошки текови. Од тие причини, АД ЕСМ ќе продолжи да го поддржува образовниот процес кој се одвива на ФЕИТ и кој продуцира носечки кадри за развој на нашата економија“, рече Ковачевски.
М-р Ева Шуклева, генерална директорка на МЕПСО, по овој повод изјави дека компанијата веќе осма година учествува во стипендирање студенти на ФЕИТ.
„Неколкумина од досегашните стипендисти веќе се дел од колективот на МЕПСО и тоа треба да биде стимул за сите студенти. Интензивната соработка со ФЕИТ на повеќе полиња е потврда дека вратите на нашата компанија се отворени за соработка со научно-образовните установи. На новите стипендисти сакам да им посакам многу успех и да истакнам, работете и надградувајте се вредно и систематски“, рече таа.
За Сашо Стојкоски, член на Управниот Одбор на ЕВН Македонија, креирањето млади стручни кадри е стратегиска цел на компанијата.
„Нашата поддршка на студентите на ФЕИТ се движи во три правци: доделување стипендии, овозможување на практична работа и можност за вработување. Од 2010 година досега, стипендија од ЕВН добиле над 40 студенти, речиси половина од нив работат во ЕВН а некои од нив веќе се дел и од раководните позиции во компанијата. И во иднина, студентите по електротехнички науки ќе ја имаат поддршката на ЕВН“, посочи тој.