Три инспиративни лични приказни на успех беа дел од серијата мотивирачки настани „И од Битола се може(и)” во организација на ПРЕДА Плус фондацијата кои се одржаа во Порта Џез.
Првиот говорник беше Весна Иваноска, генерална менаџерка на Сеавус – едукативен и развоен центар. Таа на присутните им кажа интересни мигови од нејзината кариера кога носела одлуки според личните убедувања дека може да направи многу повеќе од она за што секој просечен жител на нашата држава е убеден дека може. Одлучува да ја промени професијата за денес да биде директно вклучена во креирањето на образованието на новата ера во регионот. Со нејзиниот тим, таа пишува нови приказни, менува животи, ја дизајнира иднината.
Полексена Јанкуловска – по професија економистка, со специјалност за е-маркетинг, со завршен мастер на Шефилд, а со работна позиција безмалку 10 години прв човек на маркетинг тимот на Бимилк – компанија која одлично успева да ја раскаже својата бренд приказна присутните ги инспирираше со тоа како може од 0 да се стартуваат добри проекти, како верува во тоа дека треба да се цели високо, но да се стои цврсто на земја. Зборуваше и за својата хуманитарна ангажираност за подобро општсетво.
Верица Јорданова од порталот Иновативност го објасни значењето на водење бизнис со виртуелни канцеларии. Зборуваше за тоа како го стартуваше нејзиниот бизнис во време кога беше несвојствено да се дискутира за нови иновативни идеи. Таа ги мотивираше присутните да размислуваат дека малите компании го движат прогресот, нивните креативни и иновативни идеи се моторот на стартап и претприемничката сцена.
Овие три успешни жени го потврдија ставот дека “Таа може”, а радуваше мешовитата публика која беше скоро едногласна дека не постои јаз помеѓу ставовите колку жените можат да бидат успешни во бизнисот. Очекувањата се секогаш дека тие успеваат. Бројни прашања беа поставени на предавачите, а нетворкингот продолжи и по завршувањето на официјалната програма.
Очекувајте во ноември уште еден мотивирачки настан на ПРЕДА, на кој други говорници ќе ви ги раскажат нивните успешни приказни.