Во Иран во неделата се пријавени нови случаи на труење на ученички и студентки, по сличните извештаи од изминатите денови, а стотици истакнати уметници во земјата покренаа петиција со којашто се бара темелна истрага.
Женски студентски дом во Урмија на северозападот на земјата и основно училиште во северниот град Табриз се образовните установи кои во неделата пријавија случаи сомнителни на труење. Заболените девојчиња и студентки наведуваат симптоми меѓу кои се вртоглавица, мачнина, отежнато дишење.
Како одговор на претходните случаи на масовни труења на ученички поради кои многу девојчиња беа хоспитализирани, родители одржаа масовни протести и бараат објаснувања додека расте гневот кон политичкото водство на земјата.
Стотици ирански уметници ја потпишаа петицијата со којашто бараат истрага поради бранот труења на ученички и студентки во текот на изминатите три месеца, објави во неделата дневниот весник Shargh. Петстотини истакнати уметници ја потпишале петицијата, наведува весникот.
„Намерните масовни напади врз училиштата за девојчиња во земјата се новата катастрофа чијашто цел е да се поттикне терор и плаќање поголема цена за нормалните права на девојчињата во општеството. Ја осудуваме оваа трагедија и повикаме сторителите да бидат уапсени и казнети“, се наведува во петицијата којашто ја цитираат иранските медиуми.
Властите и влијателниот клерикален врв во земјата е под притисок поради масовните протести кои избувнаа ланскиот септември по смртта во притворот на курдската студентка Маша Амини приведена поради кршење на прописот за прекривање на косата во јавност, односно неправилно носење на хиџабот.
Таканаречената морална милиција, којашто според најавите ќе биде распуштена, ги отфрли обвинувањата дека девојката починала од удари, а судската медицина објави дека во притворот починала поради претходно тешки здравствени проблеми. Но тоа не ги сопре масовните протести во големите градови во кои загинаа повеќе стотици демонстранти но и повеќе од сто припадници на иранските безбедносни сили. Техеран ги обвини западните разузнавачки служби за организирање и координирање на таквите смртоносни протести чија цел била предизвикување граѓански судир во Иран.
Симптоматично е што првите случаи на труење на ученички се пријавени кон крајот на ноември кога насилните протести беа на својот врв, кога се појавија обвинувања дека наводно зад нив стојат религиозните тврдолинијаши кои ја поддржуваат актуелната власт и авторитетот на верските челници.