Нови вработувања во Службата за Итна медицинска помош

Со предвидените нови вработувања ќе се формираат дополнителни 35 тимови кои ќе работат во три смени. Значи наместо досегашните 25 тимови на ИМП ќе има 60 тимови, што е во согласност со стандардите, потребите и проценките кои се направија за подобро функционирање на Брзата помош.

Во насока на зајакнување на кадарот од Итната медицинска помош, министерот за здравство Никола Тодоров најави дека од понеделник почнуваат едукации на вработените во службите на Итна медицинска помош, од целата држава, вклучувајќи ги и тимовите од Здравствен дом Скопје.

Едукациите ќе се изведуваат на 7 пункта во целата држава и тоа во Скопје, Велес, Штип, Струмица, Прилеп, Охрид и Тетово, ќе бидат опфатени 1.087 вработени во ИМП, а едукаторите се лекари кои се веќе обучени за вршење обуки во тренинг центарот за ургентни состојби во Турција, пишува МИА.

Службите за ИМП и претходно беа сериозно зајакнати и тоа во 2012 година со набавка на 69 амбулатни возила за ИМП и едно педијатриско амбулатно возило. Возилата се комплетно опремени со ЕКГ апарат, дефибрилатор, аспиратор и друга опрема и комплетно ги задоволуваат еколошките стандарди. Службите за Итна помош беа зајакнати и со нови вработувања, од кои само во Здравствен дом Скопје во 2012 година се реализирани вработувања на 11 доктори, во 2013 година вработување на 1 доктор, во 2014 година – 5 доктори, а годинава 16 доктори, рече Тодоров.

Од минатата година, укажа, воведени се тетра радио станици, кои функционираат во цела држава, при што само екипите на ИМП Скопје се поврзани со 14 рачни радио станици и една фиксна радио станица. Целата комуникација меѓу екипите на терен и централата се одвива преку тетра системот.

Посочи дека во рамки на објектот на ИМП функционира и повикувачкиот центар за „Ало докторе“ – телефонска линија која е достапна 24 часа за граѓаните од целата држава, кои може да се обратат за совети и консултации за различни здравствени состојби, на која изминатите 14 месеци откако функционира се реализирани 61.590 повици. Оваа мерка, истакна, сериозно го намали бројот на повици кон ИМП дури и до 20 до 25 отсто.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека нивна задача и обврска е да ги следат потребите на граѓаните, да лоцираат она што е приоритет, а во овој период тоа е зајакнување на службата на ИМП.

Благодарение на ресорното Министерство изготвуваме стратегија и активности кои во наредниот период ќе ги реализираме. Верувам дека за брзо време навистина сето ова ќе го реализираме и ќе бидеме уште подостапни и побрзи до граѓаните кога најмногу им требаме кога станува збор за живот или смрт, бидејќи службата на ИМП е прва линија во делот на вонболнична ургентна медицина, додаде Баевска Вучковиќ.