Нови земјотреси околу Санторини, најсилниот со магнитуда од 5,2 степени

Неколку земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 5,2 степени според Рихтер, повторно го потресоа грчкиот остров Санторини и соседниот остров Аморгос во ноќта кон вторникот, објави Геодинамичкиот институт на Атинската опсерваторија.

Најсилниот земјотрес со магнитуда од 5,2 степени се случи во понеделникот во 22 часот и 16 минути по локално време во морето, јужно од островот Аморгос и на околу 37 километри североисточно од Санторини, светски познатиот вулкански остров.

Земјотресот бил почувствуван дури до Атина, на повеќе од 200 километри од епицентарот, но без материјална штета или повредени.

Два часа подоцна, во истото подрачје на Егејското Море е регистриран нов земјотрес со јачина од 5 степени, а околу 10 минути подоцна уште два земјотреса со јачина од 4 степени.

Нови потреси се регистрирани од 7 часот наутро, вклучително и еден од 4,4 на југоисточно од Аморгос.

Најсилната од почетокот на оваа интензивна сеизмичка активност е забележана минатата седмица, со јачина од 5,2 степени, исто како и во понеделникот ноќта.

Експертите смируваат, но сепак проценуваат дека оваа сеизмичка низа, која предизвика повеќе од 11.000 луѓе да го напуштат Санторини од почетокот на февруари, би можела да трае уште неколку седмици.

Повеќе од 12.800 земјотреси се регистрирани меѓу 26-ти јануари и 8-ми февруари во морската област помеѓу овие два туристички острови на архипелагот Киклади, според сеизмолошката лабораторија на Универзитетот во Атина (ЕКПА).

„Оваа низа ќе продолжи (…) Ќе бидат потребни недели за овој феномен да престане. Месната заедница мора да се прилагоди и мора да сметаме на сценарио во кое целиот месец февруари ќе се одвива под слични услови“, предупреди професорот по сеизмологија Костас Папазахос, според јавниот радиодифузен сервис ЕРТ.

Грчката цивилна заштита прогласи вонредна состојба до 3-ти март на вулканскиот остров Санторини, каде што се наоѓаат многу домови и хотели покрај карпестиот брег. Училиштата на островот, како и на Аморгос и соседните острови, се затворени од 3-ти февруари и ќе останат затворени до петок.

За време на посетата на Санторини во петокот, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис отфрли сценарио за катастрофа. „Не веруваме дека ќе се случи нешто катастрофално“, рече тој.