Новинар и презентер на BBC исчезна на грчкиот остров Сими

Британскиот новинар и презентер на јавниот радиодифузен BBC, познат по емисијата „Верувај, ми, јас сум доктор“ (Trust Me I’m a Doctor) Мајк Мосли, исчезна на малиот грчки остров Сими, а во тек е потрага за негово пронаоѓањеа.

Мосли на островот бил на одмор заедно со неговата сопруга и пријатели, а според медиумите од средата попладнето му се губи трагата, додека случајот беше објавен во четвртокот доцна попладнето.

Веднаш откако било пријавено дека 67-годишниот новинар не се вратил во хотелот каде што престојувал, започнала и потрагата на полицијата и противпожарната служба со дрон и хеликоптери, како и волонтери од островот.

Во средата, Мосли, заедно со сопругата и уште еднa двојка, како што пишуваат медиумите, со чамец заминале на плажа, по што новинарот одлучил да се врати сам, пеш, во време кога на островот било особено топло со температура од околу 40 степени Целзиусови.

„Жештината беше неподнослива и лесно може да ти се слоши во такви услови. Сакаше пеш да се врати од плажа, но ова е растојание од околу час и половина и можеби користел одредени рути за да пресече пат“, рече градоначалникот на Сими, Лефтерис Папакалодукас за Kathimerini.

Според истите информации во медиумите и Мосли и неговата сопруга не ги носеле со нив мобилните телефони.

Сими е мал остров во јужниот дел на Егејското море, во близина на Родос и има нешто повеќе од 2.500 жители.