Имајќи во предвид колку фирми поседуваат новинарите блиски до СДСМ, се чини дека тие треба да формираат Стопанска комора. Медиумските послушници на СДСМ, според информациите кои ги објави Дневник, се јавуват како сопственици, основачи или управители во повеќе компании, пишува Денешен.мк.
-Порталот за вести „Плусинфо“, како проектна активност на здружение за граѓани, фирмата БГ ПРЕС за издавање публикации, и порталот „Мајка и дете“ како проектна активност на здружение на граѓани во Централниот регистар се водат под едно име: На новинарот Бранко Героски. Веб-страницата на „Плусинфо“ во „Марнет“ (македонската фирма за интернет-домејни во Македонија), пак, е регистрирана на иста адреса со порталот „Либертас“, кој го води Ацо Кабранов. Кабранов е и соосновач во невладината на Героски, објави Дневник.
Кабранов, кој е соосновач во здружението на Героски, си има и своја фирма – Друштво за издаваштво, маркетинг и продукција „Глинка“ ДОО, со седиште на ул. Френклин Рузвелт бр.5/А лок. 6 – Скопје. Неговиот портал „Либертас“ работи како проект на неговата друга невладина организација со име „Либертас“, а има и трета невладина организација „Пролиберти“.
-Борјан Јовановски се јавува како основач или овластено лице во неколку невладини организации и фирми. На пример, Шилегов веројатно не знае дека тој има фирма за филмска продукција „Еуровижн“, каде соосновач е неговата колешка Сашка Цветковска. ТВ „Нова“ – интернет-телевизијата се реализира преку „Видео веб-продукција“, чиј соосновач е колешката Билјана Секуловска, објави Дневник.
Весникот открива дека Менче Атанасова Точи, која работи за ТВ „Нова“ е поврзана со десетина фирми и со невладина организација, дел од нив се и „Римедикал“ – друштво за трговија и услуги, „Елите Софа“, „Фешн Форс“, „Акон Пајо“, Институтот „Ходници’, а и златарницата „Смарагд“.
-Порталот „А1 он“ функционира преку фирмата „Онлајн медија“ ДООЕЛ, чиј основач и управител е Предраг Петровиќ. Мери Јордановска е поврзана со три фирми (едната на име на татко и, а другата на мајка и, и како соосновач на „Еуровижн’ со Борјан Јовановски) и две невладини организации – „Цитедела“, здружение за истражувачко новинарство, и Асоцијација за правата на животните. Драган Антоновски има Институт за мас-медиуми, едукација и комуникации фирма – „Порта ФМ“, пишува Дневник.
-Новинарката Оливера Трајковска и советничката на СДСМ во град Скопје и претседателка на градската организација на опозициската партија, Софија Куновска, се бизнис-ортачки. Имено новинарката и политичарката имаат заедничка фирма, „Медиарт“ ДОО Скопје и тоа регистрирана уште во 2005 година. Управител на фирмата е Трајковска. Седиштето на фирмата е на улицата Христо Смирненски, бр. 54/2-24, во Скопје. Роберт Поповски, кој сега работи како советник на лидерот на СДСМ Зоран Заев, има или имал телевизиска продукција „Инфинити плус“ и видеопродукција „С.С. Нова медиа“, објави весникот.
Според Дневник, пратеничката и поранешна новинарка на телевизија „А1“, Ленче Николовска, беше соосновачка во „А2-телевизија“, сега во стечај, преку Илин Николовски и Тони Николовски.