Нема услови да останат камерите во салата на Судскиот совет, нека излезат надвор, кажа новиот претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев, на денешната прва седница откако е избран по незаконското разрешување на претходничката Весна Дамева, пишува СДК.мк.
Ни треба концентрација, вака не можеме да работиме. Новинарите секако ќе останат, кажа Георгиев.
Исто вака направи поранешната претседателката на Уставниот суд Елена Гошева во 2016, кога по долгогодишна пракса ги тргна камерите да ги снимаат седниците, зашто намала концентрација за работа кога ја снимале.
Дамева прво остро се спротивстави на овој предлог, кажа дека со оглед на тоа што се случуваше од 26 април, јавноста и тоа како треба да гледа во живо што се случува. Но кога потоа ѝ кажаа дека имало колегиум и заклучок, таа рече дека не била на вчерашниот колегиум и ако им е едногласна одлуката, нема да противречи на мнозинството.
Не бегаме од јавноста, нека останат новинарите и една камера, рекоа и останатите членови.
Досега немаше проблем да присуствуваат камерите и да ја пренесуваат во живо работата на Судскиот совет.
Откако се случи пучот кој доведе до незаконско разрешување на Дамева, јавноста немаше да види во живо ако не беа снимките. Од тогаш Судскиот совет бара кртови во своите редови, одредени членови, т. н. пучисти бараат кои колеги од „спротивната страна“ им кажувале на новинарите што се случува внатре на повеќедневните жестоки колегиуми.
На колегиумите што ги водел потпретседателот Селим Адеми оделе без телефони, а од денеска, членовите на Судскиот совет не смеат телефоните да ги внесуваат ни на седниците.
Пред да одлучат конечно, Павлина Црвенковска и предложи МИА да снима и да им дава снимки на телевизиите, без претходно предзнаење дали државната информативна агенција сака и може да доаѓа на секоја седница за да работи за телевизиите.
Во салата останаа само новинарите, да прераскажуваат за работата на Судскиот совет.