Новиот челник на НАТО во Киев ветува дека ќе ја поддржува Украина „до победата“

Новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, во четвртокот ја потврди поддршката на Западот за Украина додека таа не ја „победи“ Русија, за време на посетата на Киев само два дена по преземањето на функцијата.

Конкретно, украинскиот претседател Володимир Зеленски упати барање сојузниците да ѝ помогнат на Украина да ги пресретнува руските ракети за да „спасат животи“ како што направија со иранските ракети насочени кон Израел.

Оваа посета доаѓа во тежок момент за Украина, чии сили на источниот фронт се повлекуваат пред руските кои речиси цела година бавно но континуирано напреуваат, како што тврдат во Киев поради недостиг од жива сила и оружје.

Русија во четвртокот го потврди аземањето на стратешки важниот град Вухледар (Угледар), кој беше систематски напаѓан две години но директните продори започнаа пред неколку месеци.

„Мој приоритет и привилегија е да ја унапредам оваа западна поддршка за да обезбедиме победа за Украина“, рече Руте зборувајќи заедно со Зеленски.

Шефот на украинската држава изрази жалење што Западот ја „одложува“ испораката на ракети со долг дострел на неговата земја и неодговарањето на неговото барање со нив да гаѓа цели длабоко на руска територија.

Киев тврди дека би можел да ги искористи овие проектили за да погоди цели длабоко во Русија за наводно да ја намали способноста на Москва за напад на украинска територија. Неколку сојузници, вклучително и САД, одбиваат да дадат зелено светло за употреба на такво оружје во оваа фаза бидејќи не веруваат дека тоа ќе придонесе за промена на ситуациијата на самиот украински фронт, но и стравувајќи од ескалација од страна на Кремљ.

„Ни треба доволно количество и квалитет на оружје, вклучително и оружје со долг дострел, кое, според мене, нашите партнери веќе го развлекуваат“, се пожали Зеленски.

Руте е еден од најактивните поддржувачи на Украина во Европа од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, за да биде означен како „русофоб“ од Москва. Како премиер на Холандија, тој ги предводеше напорите за снабдување на Киев со борбени авиони „F-16“.

Володимир Зеленски потсети дека целта на Киев е „полноправно членство на Украина во Организацијата на Северноатлантскиот договор“. Руте, кој го започна својот прв ден на чело на НАТО во вторникот, ја вклучи поддршката за Украина меѓу трите приоритета на неговиот мандат.