Виктор Панчевски, новиот директор на Данела Арсовска, наредил вработените во ЈП Водовод и канализација – Скопје, да прават анкети, на повеќе локации низ Скопје, секој вторник и четврток, од 07:30 до 15:30 часот.
Оваа акција не само што се коси со повеќе закони и кодекси, туку е класично искористување на администрацијата, за политички цели и кампањи, посебно во предизборието, во кое се наоѓа државата.
Во описот на работните места на овие вработени никаде не стои правење на анкети, а камоли истите да се спроведуваат надвор од работните места, во текот на работното време. Ова е во спротивност со Законот за работни односи, законот за административни службеници, законот за заштита од вознемирување на работното место, како и кодексот за административни службеници.
По поплаките на вработените и укажувањата дека оваа акција бесправно се спроведува и дека ќе има тужби, Панчевски известил дека акцијата е доброволна, но, и понатаму правел притисоци. Според кажувањето на вработените, се дерел кон нив, ги омаловажувал и им се заканил дека ако не се вклучат во акцијата, ќе има реперкусии.
Исто така, им било посочено, ако случајно земат денови од одмор или боледување, повторно ќе има последици.
Реагирале исто така и двата синдикати, во кои се членови вработените, со цел да ги заштитат, но до денеска, акцијата официјално и понатаму се спроведува. Вработените се исплашени за своите работни места, ако не го послушаат директорот, но исто така ова се одразува и на стабилното работење на претпријатието, кое е одговорно пред граѓаните на Скопје, да имаат чиста и исправна вода за пиење.