Новиот француски премиер отпатува за Берлин

Францускиот премиер Габриел Атал во понеделник првпат откако дојде на својата нова функција ќе го посети Берлин за да разговара за меѓународните прашања и за подобрување на односите меѓу Франција и Германија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц вечерва со воени почести ќе го прими Атал, кој со 34 години е најмладиот француски премиер и првиот што отворено се декларира како хомосексуалец. Атал беше портпарол на француската влада и министер за образование. Претседателот Емануел Макрон го назначи за наследник на Елизабет Борн во јануари.

Односот меѓу Париз и Берлин долго време се смета за движечка сила којашто стои зад креирањето на политиките на Европската унија. Но, тензиите почнаа да растат во 2022 година, откако Ангела Меркел ја напушти германската политичка сцена, иако Макрон и Шолц неодамна направија напори да ја подобрат соработката.

Германија и Франција конечно се согласија во декември за заеднички предлог за реформа на правилата на ЕУ за долгот и дефицитот, по долгиот меѓусебне спор. На крајот од минатата година двете земји го надминаа повеќемесечниот ќорсокак околу предложените реформи на пазарот на електрична енергија во Унијата.

Во јануари, Макрон одржа пофалба на комеморацијата за починатиот германски министер за финансии Волфганг Шојбле во германскиот парламент. Поголемиот дел од својот говор го одржа на германски, гест што го израдува Берлин.

Со назначувањето на Атал, се верува дека Макрон се обидува да му даде нов моментум на неговиот претседателски мандат пред изборите за Европскиот парламент во јуни. Поддршката за центристите на Макрон опадна како што се зголеми поддршката за крајно десничарската лидерка Марин Ле Пен.