Новиот грузиски претседател положи заклетва, а претходничката тврди дека е легитимен шеф на државата

Михаил Кавелашвили, жесток критичар на Западот, во неделата положи заклетва како нов претседател на Грузија, среде длабоката политичка криза, откако владата ги замрзна преговорите за пристап во Еверопската унија, што предизвика протести.

Проевропската претседателка во заминување Саломе Зурабишвили во прошталниот говор пред симпатизерите пред претседателската палата рече дека ја напушта резиденцијата, но и натаму е легитимен шеф на државата. Тврдеше дека Кавелашвили не бил легитимно избран, бидејќи пратениците кои гласале за него биле избрани на парламентарните избори во октомври, за кои таа тврди дека биле украдени. Поранешната претседателка беше поддржана од опозициските партии.

Владејачката партија Грузиски сон и државната изборна комисија велат дека изборите биле слободни и дека Кавелашвили е легитимно избраниот претседател.

Пред спорната инаугурација, илјадници Грузијци протестираа од саботата вечерта во Тбилиси, барајќи ослободување на затворените демонстранти и осудувајќи ја владата како нелегитимна. Според медиумите, масата минала низ главниот град пред демонстрантите да се соберат пред зградата на парламентот. Собирот првично беше мирен, а протести биле забележани и во други градови.

Зурабишвили ги повика своите приврзаници да се соберат пред претседателската палата во неделата.

„Ве чекам пред палатата Орбелиани“, изјави таа за агенцијата NewsGeorgia и на своите поддржувачи им порача дека ќе одлучи како ќе продолжи во следните неколку дена.

Со недели, илјадници луѓе секојдневно протестираат во Грузија за враќање на проевропската политика на земјата и за повторување на парламентарните избори во октомври, на кои националистичката владејачка партија Грузиски сон според официјалните резултати се прогласи за победник.

Демонстрантите стравуваат дека партијата е премногу блиска до Русија и дека ќе ја турне земјата подалеку под влијание на Москва, неколку децении откако таа ја освои независноста од Советскиот сојуз.

Прехтодно месецов претседателката Саломе Зурабишвили, порашна француска дипломатка и амбасадорка на Франција во Грузија која пред десет години зема грузиско државјанство формирше партија и со поддршка токму на Грузиски сон стана претседателка на земјата, изјави дека ќе ги предаде своите службени должности само кога ќе се формира „легитимно избрана влада“, односно дека сегашниот состав на парламентот „нема легимитет“. Со тоа Зурабишвили, чиј мандат заврши пред неколку дена, навести дополнителни политички турбуленции и безредија.

Грузиската опозиција одби да ги признае резултатите од изборите на 26-ти октомври, на кои изборната комисија ја прогласи за победничка националистичката партија Грузиски сон. На првата собраниска седница по изборите оваа седмица, пратениците од опозицијата одбија да ги земат своите мандати.

Протестите уследија по одлуката на владејачката партија Грузиски сон, обвинувана како авторитарна и проруска, да ги суспендира до 2028 година пристапните преговори со ЕУ правдајќи го тоа со „уцените“ од Брисел.