Министерството за надворешни работи и надворешна трговија изрази задоволство од последниот извештај на Советот на Европа, во кој се нотира дека Бугарија 17 години по ред не ги регистрира македонските здруженија и не ги имплементира пресудите на Европскиот суд за човекови права поврзани со македонското малцинство.
„Придржувајќи се до принципот на задолжителност и извршност на пресудите на Европскиот суд за човекови права, водејќи се од обврската во Законот за надворешни работи за грижа за положбата и правата на припадниците на македонското малцинство, но и неотстапно следејќи го востановеното правило во меѓународното право и односи дека интересот за почитувањето на човековите права на малцинствата во другите држави не претставува мешање во внатрешните односи на односната држава, Министерството за надворешни работи изразува задоволство за последната одлука на Комитетот на министри на Советот на Европа за состојбата со имплементацијата на пресудите од групата случаи “ОМО Илинден и другите против Бугарија’“, велат извори од МНР.
Комитетот на министри на Советот на Европа во својот најнов извештај истакна дека властите во Бугарија и натаму не ги почитуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права и не дозволуваат регистрација на здруженијата кои се залагаат за признавање на македонското малцинство во Бугарија.
„Овие случаи се однесуваат на одбивањето на националните судови меѓу 1999 и 2015 година да регистрираат здруженија чија цел е да се постигне признавање и заштита на интересите на македонското малцинство во Бугарија. Одбивањата беа засновани врз заштитата на националната безбедност и јавниот ред, уставната забрана на здруженија кои остваруваат политички цели, како и врз неисполнувањето на формалните законски барања. За сето ова Европскиот суд утврди дека е неоправдано и непропорционално мешање во правото на слобода на здружување, бидејќи здруженијата кои се жалеле не се залагале за употреба на насилство или други недемократски средства за постигнување на нивните цели. Неколку од целите на здруженијата беа означени како политички, што не беше доволна основа за одбивање на регистрацијата“, се наведува во тој извештај.
Комитетот изрази жалење што и покрај мерките усвоени од бугарските власти меѓу 2018 и 2024, усвојувањето на Привремената резолуција и последователните одлуки, повеќе од 17 години по првата правосилна пресуда рутински се одбива регистрацијата на здруженијата кои имаат за цел да се постигне признавање на македонското малцинство, што се прави главно поради неодобрувањето на нивните цели.
Во извештајот се наведува дека бугарските судови во изминатите години континуирано одбивале да ги регистрираат ОМО Илинден, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија жртви на комунистичкиот режим, Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.