Новиот Клинички ќе го уништи археолошкиот локалитет Скупи

Новиот Клинички центар ќе се гради на нова локација, а не на местото на сегашниот, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, меѓутоа археолозите предпредуваат дека градежните потфати ќе го уништат зачајниот древен локалитет Скупи.

Покрај новиот Клинички центар, на новата локација во Злокуќани во близина на специјалната болница во Бардовци, се планирани и медицински факултет, истражувачки центар и кампус за сместување на студенти по медицина, со што според Филипче, ќе биде мал медицински град со лесен пристап за сите граѓани.

„Убаво е тоа што ќе се гради нов Клинички центар во Злокуќани. Но што ќе правиме со Скупи кој се протега на 44 хектари токму таму и бил еден од најголемите градови на Балканот во римскиот период, а она што е ископано е само 3-5% од некогашата колонија? Дали Владата на РМ е свесна дека градењето на овој клинички центар ќе мора да се оддолжи за 5-10 години поради археолошки ископувања чии ресурси во спротивно ќе бидат засекогаш загубени? Би рекла една исклучително непресметана и катастрофална одлука со која се прави огромна штета на светско културно наследство како Скупи. Би сакала да ги знам имињата на архитектите кои го дале овој предлог и се надевам колеги дека нема да ги пикнете главите како ној во песок ако треба да го кажеме своето експертско мислење за случајов. Ама познавајќи ве, подобро да си пукнете и ич да не коментирате, оти од такви колеги ко вас шо ќутат и мутат ни пропадна археологијата во државава“, предупредува археологот Василка Димитровска во својата објава на фејсбук.

Овој локалитет е особено познат по античкиот театар во Скупи на кој во периодот од јуни 2013 до мај 2016 година се извршени археолошки истражувања во кои целосно се истражени Театронот, Оркестрата, а Скената не е доистражена целосно, имајќи предвид дека во нејзиниот северозападен дел се наоѓаат современите христијански гробишта. За време на археолошките истражувања, се посочува во реакцијата, најдени се оригинални седишта Ин Ситу, коридори, влезови, степеници, оплати и слично.