Во парламентарниот меморандум објавен во средата се тврди дека припадници на американската сојузна полиција Федералното биро за истраги (FBI) биле пристрасни во однос на актуелниот претседател Доналд Трамп во 2016 година, обвинување кое е во спротивност со тврдењата за наводниот договор на неговиот изборен штаб и Русија.
Според споменатиот меморандум на Комитетот за внатрешна безбедност на американскиот Сенат, речиси 50.000 СМС пораки кои ги разменувале двајца агенти на FBI водејќи ја истрагата за поранешната државна секретарка и кандидатка на Демократската партија на претседателските избори во ноември 2016 година, Хилари Клинтон, покажуваат симпатии кон неа „на претседателските избори наспроти заканата од тимот на Трамп“.
Клинтон е осомничена дека преку приватен сервер во нејзиниот дом во Њујорк и со приватната електронска пошта се користела при официјална комуникација во којашто, меѓу другото, имало и доверливи дипломатски и воени документи, додека беше шефица на дипломатијата на САД во периодот од 2009 до 2013 година. Според американските закони ваквите активности на функционери се казниви, а Хилари Клинтон е осомничена дека на овој начин ја поткопала националната безбедност и ги изложила тајните документи на лесен достап на странски служби.
„Новите СМС на FBI се бомба!“, реагираше американскиот претседател Доналд Трамп на Twitter.
Американските републиканци посветуваат големо внимание на работата на FBI којашто е обвинета дека по секоја цена се обидува да докаже дека претседателот Трамп победил на изборите благодарејќи на нелојални маневри коишто наводно ги договарал со Русија. Исто така, републиканците се интересираат и зошто истрагата во однос на електронската пошта на Клин тон е затворена многу брзо без да се подигна обвинение иако е утврдена злоупотреба на прописите за електронска комуникација на функционерите од нејзина страна.
Според оцената на споменатиот комитет на Сенатот, од СМС пораките може да се заклучи дека поранешниот директор Џејсм Коми во јули 2016 година одлучил кривично да не ја гони Хилари Клинтон пред таа да биде сослушана, како и дека поранешниот демократски претседател Барак Обама можно е да влијаел, бидејќи сакала „сѐ да знае“ за текот на истрагата.
Трамп во мај го разреши Коми, но именуваше специјален државен обвинител, Роберт Мјулер, за да се истражат сомневањата за ткн „руска вмешаност“. Со оваа истрага е опфатен најблискиот круг околу претседателот, а Трамп постојано порачува дека таа неоправдано го попречува неговото политичко дејствување. Сослушани се многу негови соработници и блиски лица, а четворица се обвинети за финансиски и други прекршоци, но не и за договарања со Русија.
Американскиот претседател во саботата уште еднаш го осуди „политичкиот лов на вештерки“ во врска со наводното руско мешање во изборниот систем на САД по објавувањето на меморандумот составен од републиканските членови на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, кој го критикува FBI за злоупотреба на овластувањата во текот на истрагата и за шпионирање на личности од изборниот штаб на Трамп во текот на изборната кампања.