Новиот премиер со нов прибор за јадење – Владата ја подновува кујната за над 37.000 евра, 88 евра една чинија, а 10 евра нож

Новиот премиер во Владата ќе биде дочекан со нов прибор за угостителство. Службата за општи и заеднички работи ја подновувава владината кујна. Покрај бела техника набавува и нови прибори за јадење, со највисок квалитет, порцелан, инокс и кристал, објавува ММС.

Договорот вреден над 37.000 евра го добија три фирми -„Еурефи Инжинеринг“, „ДЛ Конкорд“ и „Дидакс“ сите од Скопје. Тие треба да достават до владината сужба, висококвалитетна бела техника- софистицирани електрична и плинска скара, витрина, шок фрижидер од инокс, фрижидер за замрзнување храна, апарат за пеглање, стик правосмукалка, машина за пакување храна…Но, и повеќе комплети на најразлични прибори за јадење за владината кујна.

Така чиниите во најразлични форми по 30 и 60 парчиња треба да бидат изработени од тврд поцелан со висок сјак кој е отпорен на гребење и да бидат бели со златна линија. Ножевите, вилушките и лажиците, пак, исто по 30 или 100 парчиња треба да бидат изработени од високоотпорен нерѓосувачки инокс. А чашите од по 30 парчиња треба да бидат кристални.

За прибор за угостителство ќе плати над 17.000 евра. Така за само еден вид чинии за главно јадење владата ќе плати по 4.588 денари без ДДВ, или една чинија со ДДВ ќе ја чини над 5.400 денари или неверојатни 88 евра по чинија. Бидејќи бара 30 парчиња само за нив ќе плати околу 2.650 евра. Останатите чинии чинат по околу 50 евра за парче, или од 1.144 денари тие за десерт, до над 3.700 денари парче за други за главно јадење. Еден нож од инокс за главно јадење чини неверојатни 639 денари или 10,4 евра за парче.

Владата набавува по над 30 парчиња од различни ножеви, од ножеви за предјадење до главно јадење и десерт, а најефтините, тие за риба чинат 432 денари без ДДВ. Вилушките се нешто поевтини и чинат од 421 денар за парче или 6,8 евра до 553 денари или речиси 9 евра за вилушка. Лажиците се пак по околу 400 денари без ДДВ за парче. А кристалните чаши пак една чини 343 денари или по 5,5 евра за парче.

Според договорите, електричната скара за владата чини 77.000 денари плус над 13.000 денари ДДВ или вкупно над 90.000 денари. Потоа плинската скара чини 58.000 денари или над 68.000 денари со ДДВ. Се набавуваат две витрини од кои една чини 155.000 денари, а двете 310.000 денари или вкупно со ДДВ владата за двете витрини ќе плати околу 365.000 денари. Софистицираниот,пак, шок фрижидер од инокс за владината кујна чини 213.000 денари или над 250.000 денари со ДДВ. Или вкупно за ова ќе плати 12.600 евра.