Новиот роман на Венко Андоновски вечерва пред публиката во кино „Милениум“

Вечерва со почеток од 19 часот, во кино „Милениум“, ќе се случи промоција на новата книга на едно од најголемите имиња на македонската книжевна сцена, Венко Андоновски – „Папокот на светлината“.

Дваесет и две години од објавувањето на најнаградуваниот македонски роман „Папокот на светот“ и десет од последниот „Ќерката на математичарот“, Венко Андоновски блеснува со нов, мајсторски напишан роман кој има моќ да го промени поредокот.

Од ТРИ најавуваат голем настан со многу интересни говорници – промоцијата ќе ја отвори проф. Весна Мојсова-Чепишевска која ќе зборува за творештвото на Венко Андоновски, а потоа сцената ќе ја преземе авторското трио – Винка Саздова, Игор Џамбазов и Венко Андоновски. Вратите се отворени за сите читатели – за сите кои низ годините уживаа во зборовите, приказните, филозофијата на Венко Андоновски и сите кои сакаат да го најдат патот до новиот продуховен свет.

Не пропуштајте го овој книжевен настан на годината и уживајте во најдоброто од македонската книжевност!