Новиот шеф на Интерпол обвинет за мачења

Интерпол го избра во четвртокот воениот генерал од Обединетите Арапски Емирати за свој нов претседател на Генералното собрание на оваа меѓународна полициска организација кое се одржува во Истанбул.

„Ахмед Насер ал-Раиси од Обединетите Арапски Емирати е избран на местото претседател со четиригодишен мандат“, објави Интерпол на својот профил на Twitter.

Меѓутоа, организациите за заштита на човековите права, вклучително и Human Rights Watch (HRW), го обвинија ал-Раиси, главен инспектор во министерството за внатрешни работи на ОАЕ, за мачења и произволни притворања.

Неколку тужби за „мачење“ против ал-Раиси се поднесени последните месеци во Франција каде што во Лион е седиштето на Интерпол, а и во Турција, земјата домаќин оваа година на Генералното собрание.

Минатата година Human Rights Watch и други меѓународни групи за човекови права и цивилно општество испратија писмо до генералниот секретар на Интерпол, Јирген Шток, изразувајќи загриженост во врска со потенцијалниот избор на ал-Раиси.

Притоа од Human Rights Watch ги наведоа „обвинувањата за сериозно злоставување“ под командување на ал-Раиси, „особено на мирните критичари на владините политики“ во ОАЕ.