Новиот сириски водач вели дека изборите би можеле да се одржат за четири години

Изборите во Сирија би можеле да се одржат за четири години, изјави во неделата новиот сириски лидер Ахмед ал-Шара, што е првпат да ја претстави временската рамка за политичкиот процес откако Башар ал-Асад беше соборен овој месец.

Подготвувањето на новиот устав може да потрае до три години, рече во интервју за саудиската државна радио и телевизија ал-Шара, попознат како Абу Мохамед ал-Џолани, кој инаку е поранешен сојузник на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава и претходно седмицава беше тргнат од америакнската листа најбарани лица. Тој, исто така, рече дека ќе биде потребна околу една година за Сиријците да видат драстични промени.

Ал-Шара, кој е растен во Саудиска Арабија, ја предводи групата Хајат Тахрир ал-Шам, поранешната Џебхет ан-Нусра или сириското крило на глобалната џихадистичка мрежа Ал Каеда, која го собори Асад на 8-ми декември, ставајќи крај на децениското владеење на неговата секуларна социјалистичка партија БААТ која половина век ја водеше неговото семејство и 13-годишната граѓанска војна. Ал-Шара вели дека HTS ќе биде распуштен на конференцијата за национален дијалог.

Во врска со надворешните врски, ал-Шара рече дека Сирија споделува стратешки интереси со Русија. Русија има воени бази во Сирија, беше близок сојузник на ал-Асад за време на долгата граѓанска војна и му даде азил на ал-Асад. Ал-Шара претходно овој месец рече дека односите на Сирија со Русија треба да служат на заеднички интереси.

Шара додаде дека се надева оти администрацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе ги укине санкциите воведени за Сирија. Високи американски дипломати кои го посетија Дамаск овој месец рекоа дека Шара постапува прагматично и дека Вашингтон одлучил да ја отстрани наградата од 10 милиони долари за главата на лидерот на HTS, која имаше поддршка во своето напредување кон Дамаск од протурските милиции во Сирија и турската војска на теренот.