Новиот тајвански претседател ѝ порача на Кина да престане со воените заплашувања и со заканите

Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те побара од Кина да ги прекине своите воени и политички закани, велејќи во својот инаугуративен говор дека мирот е единствениот начин и оти Пекинг мора да го почитува изборот на тајванскиот народ.

Обраќајќи им се на насобраните луѓе пред канцеларијата на претседателот во центарот на Тајпеј, Лаи рече дека сака да разговара со Кина, која го гледа островот како своја територија и никогаш не ја отфрлила употребата на сила за да го врати под своја контрола, пренесе Хина.

– Исто така, ја повикувам Кина да престане политички и воено да го заплашува Тајван и да преземе глобална одговорност заедно со неа за одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и во регионот, за светот да не мора да се плаши од избувнување на војна, рече тој.

– Ние исто така сакаме да му го соопштиме на светот: Тајван не прави компромиси за демократијата и слободата. Мирот е единствениот пат и нашата цел е долгорочен мир и стабилност, истакна Лаи.

Засега нема реакција од Кина, која го нарече Лаи сепаратист пред изборите во јануари.

Лаи (64), кој ја презеде функцијата од поранешната шефица на државата Цаи Инг-вен, чиј потпретседател беше во изминатите четири години, рече дека луѓето мора да бидат реални и да ги сфаќаат сериозно заканите и оти Тајван мора да покаже дека е решен да се брани.

– Драги сограѓани, мирот е нашиот идеал, но не смееме да имаме илузии. Пред Кина да се откаже од употребата на сила за да го нападне Тајван, граѓаните мора да знаат: Дури и ако ги прифатиме сите барања на Кина и се откажеме од нашиот суверенитет, амбициите на Кина нема да исчезнат, рече тој.

Тајванското Министерство за одбрана во денешниот дневен извештај соопшти дека шест кинески авиони ја преминале линијата во средина во Тајванскиот теснец, која претходно служела како неофицијална граница, но Кина не ја признава.