Цените на нафтата скокнаа во петокот на меѓународните пазари кон нивото од 79 долари, откако САД воведоа нови санкции за рускиот енергетски сектор, поттикнувајќи ја загриженоста за понудата во време на зголемена побарувачка поради ниските температури во САД и Европа.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше за 1,94 долари повисока од затворањето на тргувањето во четвртокот, на 78,86 долари. За исто толку порасна цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше по 75,86 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од референтната кошничката нафта на нејзините членки во четвртокот поевтинил за 80 центи на 76,13 долари.
Пазарот беше вознемирен оваа седмица поради сигналите дека САД би можеле да воведат нови санкции против руската нафтена индустрија. Во петокот американското Министерство за финансии објави дека вовело санкции за руските нафтени компании „Газпромњефт“ и „Сургутњефтегаз“ и 183 бродови кои превезувале руска нафта, како и трговци, осигурителни и транспортери на руска нафта.
„САД преземаат сеопфатни мерки против клучниот руски извор на приходи за финансирање на војната против Украина“, рече американската министерка за финансии на заминување Џенет Јелен.
„Логиката на санкциите е да ја покријат секоја фаза од руското производство и дистрибуција на нафта“, рече претставник на Белата куќа, додавајќи дека „нивното правилно спроведување може да ги намали руските приходи за милијарди месечно“.
Санкциите би можеле да предизвикаат сериозни нарушувања во извозот на руската нафта за главните купувачи Индија и Кина, тврдат наводно за Reuters четири извори од руската нафтена индустрија и три извора од индиските рафинерии.
„Мерките се проштален подарок од владата на Бајден“, коментира Тамаш Варга од PVM.
Соработниците на Бајден наводно ги известиле за санкциите колегите од кругот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Транзицискиот тим на Трамп не одговорил веднаш на барањето на Reuters за коментар.
Дополнителна поддршка на растот на цените обезбедија временските прогнози за пад на температурите во САД и студениот бран во многу делови од Европа, што ги поттикна очекувањата за пораст на побарувачката на нафта за греење. Националната метеоролошка служба на САД очекува температурите во централните и источните американски региони да бидат под просекот за овој период од годината.
„Очекуваме глобалната побарувачка на нафта да порасне значително на годишно ниво во првиот квартал на 2025 година, за 1,6 милиони барели дневно, поттикната пред сѐ од… побарувачката за нафта за греење, керозин и LPG“, пишуваат во белешката аналитичарите на „JPMorgan“.