Новите американски санкции против Русија ги кренаа цените на дизелот

Цените на дизелот остро пораснаа откако САД воведоа санкции врз рускиот нафтен сектор, поттикнувајќи ги предвидувањата за намалена понуда, според аналитичарите и податоците на LSEG.

Пред една седмица, САД воведоа санкции за руските нафтени компании „Газпромњефт“ и „Сургутњефтегаз“ и 183 бродови кои превезуваа руска нафта. Мерката ги опфаќа и трговците, осигурителите и транспортерите на руска нафта.

„Вашингтон презема сеопфатни мерки против клучниот руски извор на приходи за финансирање на војната против Украина“, рече тогаш американската министерка за финансии во заминување и поранешна челничка на американската централна банка Џенет Јелен.

„Логиката на санкциите е да ја покријат секоја фаза од руското производство и дистрибуција на нафта“, рече претставник на Белата куќа, додавајќи дека нивното „правилно спроведување може да ги намали руските приходи за милијарди месечно“.

Трговците и брокерите во секторот на поморскиот транспорт оваа седмица предупредија дека цените на нафтата што ја транспортираат супертанкерите остро пораснале по одлуката за антируските санкции.

Во петокот аналитичарите предупредија дека цените на дизелот, кои и онака беа високи поради ниските температури на северната хемисфера, исто така драстично се зголемија.

„Профитните маржи (за дизелот) се зголемија по вестите за санкциите и очекуваме значителни нарушувања на извозот на рускиот дизел“, вели аналитичарката од „Energy Aspects“, Наталија Лосада.

Извозот на дизел од рафинериите на „Газпромњефт“ и „Сургуњефтегаз“ може да се намали за најмалку 150.000 барели дневно, додава Лосада.

Во четвртокот фјучерсите на дизелот со датум на испорака од 30 дена беа дури 50,25 долари за тон поскапи од терминските договори со датум на испорака од шест месеци, покажуваат податоците на LSEG. Разликата во цената е најголема во последните десет месеци.

Рафинериската маржа за дизелот во четвртокот изнесуваше 20 долари за барел и беше највисоката во последните пет ипол месеци.

Во Азија, рафинериските маржи за дизелот скокнаа за 8 отсто во понеделникот, најсилно од септември и накратко надминаа 17 долари за барел. Во четвртокот паднаа на 16,50 долари за барел.

Во САД, цените на дизелот во терминските договори минатиот петок скокнаа за повеќе од пет отсто, најмногу од октомври. Во четвртокот тие достигнаа 111 долари за барел, што е највисоко ниво во последните шест месеци. Дизелот со рок на испорака од 30 дена е за повеќе од 10 долари поскап од дизелот со рок на испорака од шест месеци.

Трговците и рафинериите ги вкалкурираа (факторингираат) повисоките трошоци за сурова нафта во цените на горивата и преработката, изјавија за Reuters два трговски изворa во Сингапур, додавајќи дека намалената понуда на руски дизел веројатно нема да има значително директно влијание на азиските пазари.

Европа беше најголемиот купувач на рускиот дизел до западните санкции кои сеопфатно почнаа да се наметнваат во 2022 година, а сега го купува во Индија, Блискиот исток и САД, а преку нив се испорачува на европските компании но со вкалкулирана добивка.

„Повеќето од 183 бродови што беа санкционирани превезуваа сурова нафта и мазут, а не дизел, но постојат стравувања дека санкциите би можеле да влијаат врз работењето на рафинериите во Индија и Кина и да го намалат нивното производство и извозот на дизел во Европа“, вели Џејмс Ноел-Бесвик, аналитичар на „Sparta Commodities“

Најголеми купувачи на руски дизел денес се Турција и Бразил, кои поради санкциите ќе мора да бараат други продавачи, како што се САД и земјите од Блискиот исток, доколку значително се нарушат испораките од Русија, објаснува Ноел-Бесвик.

Тоа, пак, ќе значи дека европските купувачи на дизел може да сметаат на пожестока конкуренција во набавките, додава тој.

Други аналитичари, сепак, веруваат дека пазарот на крајот ќе се прилагоди на санкциите.

„Ние навистина не очекуваме некои големи промени во понудата на руски производи, бидејќи истиот волумен може да патува до истата дестинација, само со танкери кои не се под санкции“, рече аналитичарот на „FGE Energy“, Јуџин Линдел.