Новите патарини кај Смоквица го налутија локалното население

Жителите од околината на новата патарина кај Смоквица бараат да бидат ослободени од плаќање патарина. Тие секојдневно повеќепати минуваат по овој дел од автопатот, бидејќи регионалниот пат не е довршен. Градоначалникот на Гевгелија побарал од Државни патишта да се најде начин локалното население да се поштеди од овој финансиски товар.

Директорот на ЈПДП во прилогот на телевизијата Сител вели дека никој не може да биде ослободен од плаќање патарина, но преговарале за решение. Китанов информира дека ќе го изградат преостанатиот 1 км од регионалниот пат и за еден месец локалните жители ќе може да возат по алтернативен пат.

Идната недела ќе стартува и електронската наплата на патарините. Надлежните очекуваат новиот систем на наплата да обезбеди побрз проток на возила, а чекањето на патарините да се сведе на минимум. За таа намена, во оптек ќе се пуштат посебни при пејд картички, што ќе се купуваат на самите патарините или во контролниот центар, кај патарината Петровец, а надополнувањето може да се врши и електронски.

Во зависност од износот што се надополнува, корисниците ќе добијат и соодветен попуст. Па така, доколку надополните, на пример, 1.000 денари, на картичката на располагање ќе добиете 1.020 денари. Иако акцентот во иднина ќе се стави на електронската наплата, сепак плаќањето во готово нема да се укине.

Очекувањата се дека до мај идната година ќе се дигитализираат сите патарини низ земјава.