На Волстрит цените на акциите пораснаа во средата, втор ден по ред, по новите податоци кои укажуваат на слабеење на инфлацијата во САД, што ја поддржува тезата дека американската централна банка повеќе нема да ги зголемува каматните стапки.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,62 отсто, на 7.486 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,86 отсто, на 15.748 поени, а париски CAC 0,33 отсто, на 7.209 поени.
Индексот Dow Jones зајакна 0,47 отсто, на 34.991 поени, додека S&P 500 порасна за 0,16 отсто, на 4.502 поени, а индексот Nasdaq 0,07 отсто, на 14.103 поени.
Откако еден ден претходно податоците за потрошувачките цени покажаа дека инфлациските притисоци во САД се намалуваат, вчерашниот извештај за цените на производителите го потврди ова.
Имено, овие цени во октомври паднаа за 0,5 отсто на месечно ниво, најмногу во последните три ипол години. На годишно ниво, пак, тие пораснаа за 1,3 отсто, значително побавно од септември кога пораснаа за 2,2 отсто.
Дополнително, вчера беше објавено дека продажбата на мало паднала за 0,1 отсто во октомври, помалку од очекувањата на аналитичарите.
„Овие нови податоци ги потврдија индициите од претходниот ден дека Fed се чини дека успеал да постигне „меко приземјување“ на економијата“, рече Роналд Темпл, стратег во компанијата „Lazard“.
Ублажувањето на инфлацијата ја поддржува тезата дека Fed нема да има потреба дополнително да ја заостри монетарната политика, односно дека циклусот на зголемување на каматните стапки е завршен и дека економијата ја избегна рецесијата.
Во наредниот период, движењата на пазарот ќе зависат главно од шпекулациите за тоа кога американската централна банка би можела да започне со намалување на каматните стапки. По новите податоци за инфлацијата, се интензивираа шпекулациите дека првото намалување на каматните стапки на Fed би можело да следи во мај следната година.
Пазарот беше поддржан и од подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на „Target“ и оптимистичките прогнози на овој трговски синџир во однос на претстојните празнични трошоци. Цената на акцијата на „Trget“ скокна за повеќе од 17 отсто, а пораснаа и цените на акциите на другите малопродажни синџири.