Ако некој досега имаше дилеми, анонимните писма на некои си вработени во Агенцијата за разузнавање даваат доволно докази дека корените на „длабока држава“ во Македонија се во тајните безбедносни служби. Очигледно стана модерно да се пишуваат писма по падот на власта на СДСМ и ДУИ. Пишува кој стигне и каде стигне, но анонимните „комуникеа“ на безимените од агенцијата за разузнавање се онаа вистинска слика на македонската реалност за состојбите во безбедносно разузнавачкиот сервис денес. Како што можам да видам, новата генерација разузнавачи се раководат од истата идеолошка разузнавачка матрица од комунизмот во детектирање на непријателите на државата. Оваа нова генерација разузнавачи скриени зад поразената политика останаа да му служат на еден пропаднат режим во детектирање на безбедосните закани по државата. М’жишта за по дома, уплашени апаратчици на минатото и верни наследници на делото и идеологијата на своите постари колеги од комунизмот, создаваат свое налик на претходното. Седум години молчеа кога се продаваше државата и обезличуваше Македонија. Седум години дозволија Македонија да ја направат воајерска држава, игротека на странските служби, за денес, скриени зад нивните анонимни „комуникеа“, да не потсетат дека се единствено способни непречено да ги зголемуваат информативните способности на политиката. И не на која било политика. Онаа нивната – на рециклираните комунисти. Тоа е таа „храбра армија“ на сенки која секогаш се криела зад анонимноста, и за која тешко е да се верува дека идеолошки, ментално и методолошки излегла од матрицата на организацијата од комунизмот.
Кога ќе размислам подлабоко, анонимните „комуникеа“ од вработени во Агенцијата за разузнавање не се ништо друго до обид за нова шарена разузнавачка револуција во Македонија. Оваа бескрајна преработка на минатото преку анонимните „комуникеа“ има врска со статусот на безбедносните служби и нивните мрежи денес. Наративот на една пропадната циркуска револуцијата е последниот бекстоп на нашите „бројлер“ разузнавачи. Се повеќе верувам дека анонимните „комуникеа“ од типот на Алан Форд, конечно може да ја поттикнат јавноста и политиката да ги навредат овие безимени разузнавачи и да ги стават под значајна цивилна контрола. И не само да ги стават под вистинска контрола, туку и да ги реформираат и вентилираат. Премногу го загадија демократскиот амбиент во државава, претворајќи се во совршен внатрешен непријател на демократијата и алатка за политичка контрола. Доста ни ги документираа и контролираа животите, секогаш комотно скриени во сенката на власта. Време е новата власт конечно да расчисти со идеолошки загадената разузнавачко безбедносна елита во државава и да ја потсети дека треба да и служи на државата, а не на одредена политичка опција. За етичноста и професионалноста во нејзиното функционирање излишно е да се зборува.
Морам да ја потсетам власта дека мора под итно да расчисти со „разунавачките вампири“ на минатото и нивните наследници кои го штитат идеолошкото ѓубре на тоа минато. Предолго наследниците на тајната полиција од комунизмот работеа зад сцената во Македонија, или, во некои случаи, отворено, манипулирајќи со политиката и обезбедувајќи привилегии за своите членови на сметка на обичните граѓани. Многу од нашите проблеми, како што се корупцијата, владеењето на правото и политичката нестабилност, па ако сакате и редефинирање на државата е продукт од непрочистувањето на тајниот разузнавачко безбедносен сервис и негово изложување на светлина. Поточно на судот на јавноста. Доста сликаа, слушаа, следеа, пишуваа извештаи и контролираа внатрешни непријатели на државата само врз основа на нив познати критериуми. Гледам дека како ѓавол од крст се уплашени од најавената реформа на службите? Па, зашто ве молам?! Што има лошо од спојувањето на разузнавањето и контраразунавањето? Наместо што се занимаваа со туѓи животи да читаа ќе видеа дека идејата не е нова. Стара е повеќе од дваесет години и кореспондира со современата организациска поставеност на разузнавачко безбедносниот сервис во мали држави каква што е и Македонија. Но пред тоа да се случи мора да се реформира менталната матрица на разузнавањето во Македонија со што ќе се направи нужниот дисконуитет со минатото на злото во кое тајната полиција играше клучна улога.
И, секако, да го потсетам Министерот за внатрешни работи да се позанимава со анонимните „комуникеа“ од „разузнавачките вампири“, зашто се оперира со имиња на луѓе кои биле предмет на сериозна разузнавачка обработка и се изречени невидени навреди кон нивниот номинален шеф – Претседателот на државата. Дајте да ги видиме со има и презиме „храбрите“ пишувачи на анонимки за политички цели. Ајде „м’жишта“ излезете јавно со вашите обвинувања, доста ни е од вашите игранки на штета на демократијата и безбедноста на државата – онаа за која најмалку се интересирате, а замислете предмет е на вашата работа. Триесет години ја растурате државата. Разузнавате за по дома и систематски се мешате во политичкиот живот на државата. Тоа мора да престане. Искрено, мене ми е доста од старо закиселено вино послужено во нови шишиња. Дајте ново вино.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес