Издавачката куќа „Матица македонска“ ја објави книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, со што ја одбележува 120-годишнината од појавата на ова капитално дело за македонскиот јазик.
„Според Блаже Конески појавата на книгата е значаен настан во национално-културната историја на македонскиот народ и претставува континуитет во новата историја на нашиот народ, што постапно и неминовно води кон неговото национално осознавање“, велат од издавачката куќа „Матица македонска“.
Крсте Петков Мисирков е македонски филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво. Тој е и автор на првата книга и првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и Софија. Бил раководител и на Тајниот македонско-одрински кружок (ТМОК).
„За македонцките работи“ е книга објавена во 1903 година која ги претставува погледите на Мисирков за македонското прашање, националната свест и пред сè на потребата од завршување на националната афирмација и ослободување на Македонците како посебен народ со особено значење на улогата за кодифицирање на литературен македонски јазик.