Ново Лисиче доби парк за миленици

Скопје добива уште еден нов парк за миленици. Истиот е лоциран во Ново Лисиче, Општина Аеродром, во паркот долж булеварот АСНОМ, до седиштето на Фудбалската федерација на Македонија.

Новиот парк за миленици денеска го посетија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, претседателот на Советот на Општина Аеродром, Виктор Камиловски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски.

– Во Скопје има голем број на домашни миленичиња и ние работиме на овозможување на подобри услови за нив и нивните сопственици. Во таа насока Градот Скопје гради специјални паркови за миленичиња, каде последен ваков парк е овој во Ново Лисиче, долж булеварот АСНОМ. Овој парк ќе биде завршен во наредниве неколку дена, каде треба да се постават дополнителни елементи, во вид на реквизити и содржини за кучињата и урбана опрема. Овој парк е со површина од 920 метри квадратни и истиот во целата површина е ограден со заштитна жичана ограда (мрежа). Ова е трет парк за миленици во Скопје, а ние и во иднина ќе продолжиме со изградба на вакви паркови во соработка со општините во сите општини во Скопје – кажа градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот Коневски најави дека ова е прв ваков парк за миленици на територијата на Општина Аеродром и дека во иднина, во соработка со Градот Скопје, ќе изградат поголем број на вакви паркови на територијата на општината.

Градежните работи на новиот парк ги извршија екипите на ЈП „Улици и патишта“, додека истиот е уреден од страна на ЈП „Паркови и зеленило“.

Ова е трет ваков парк кој го гради Градот Скопје во зелените површини коишто се во негова надлежност. За потсетување, првиот ваков парк беше изграден во рамките на вториот дел на Градскиот Парк во 2011 година, на површина од околу 1 200 квадратни метри. Вториот ваков парк беше изграден во рамките на првиот дел на Паркот Македонија, во 2012 година, на површина од околу 1000 метри квадратни.

Со изградбата на вакви паркови Градот Скопје излегува во пресрет на сопствениците на домашни миленици, создавајќи соодветни услови за рекреација на нивните миленици.