Ново мафијашко убиство во Црна Гора

Припадник на црногорска организирана криминална група е убиен во вторник наутро во црногорскиот пристанишен град Бар, во инцидент што предизвика полицијата да го блокира градот и интензивно трага по еден или повеќе сторители.

Според црногорските медиуми, Едмонд Мустафа бил убиен во мафијашка ликвидација, а убиецот избегал со мотоцикл. Црногорската полиција тврди дека привела едно лице кое, според медиумите, е блиско до криминалниот ткн Шкаљарски клан, а кое, како што е соопштено, може да биде поврзано со убиството на Мустафа.

„Во мерките на првата интервенција во службените простории на полицијата е донесено едно лице чиј идентитет е познат на службениците од Управата за полиција, а во врска со кое се вршат детални проверки поради постоење сомнение дека тој е поврзан или може да биде поврзан со извршувањето на ова кривично дело“, се наведува во соопштението на црногорската полиција.

Поради убиството на Мустафа, во Бар е уапсен извесен Дино Ибрахимовиќ, дознава телевизискиот канал Телевизија Е. Инаку, полицијата трагала по Ибрахимовиќ поради убиство на Шчепан Рогановиќ, исто така, доведуван во врска со криминалното милје во Црна Гора и во регионот.

Медиумите во Подгорица потсетуваат дека убиениот Едмонд Мустафа веќе ѝ бил познат на црногорската јавност, кога на социјална мрежа под лажно име објавил дека знае поединости за подготвените и извршени ликвидации во Црна Гора. Тој тогаш, како што пренесува црногорскиот портал Стандард, пред Специјалното државно обвинителство покажал подготвеност да ги открие имињата на нарачателот и извршителот на дури 11 ликвидации во Црна Гора.

Исто така, на крајот на минатата година Мустафа повторно беше во центарот на вниманието на црногорската јавност кога се појавија информации дека бил киднапиран и измачуван од полицајци, но тој ги демантираше овие наводи.

Во војната меѓу црногорските криминални кланови, Кавачки и Шкалјарски, именувани по две села, која трае од 2014 година, убиени се повеќе од 50 лица.