Ново оружје пронајдено во Јемен

Во Јемен се откриени нови оружја за кои се претпоставува дека се произведени во Иран, стои во извештајот на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за кој ќе се дискутира на денешниот состанок на Советот за безбедност.

Иран веднаш негираше дека доставувал оружје на шиитските бунтовници, Хутите, во Јемен, кои политички ги поддржува. Експерти на Секретаријатот на ОН испитале уреди за противтенковски ракети и делумно уништена ракета земја-воздух, кои ги донеле припадници на војската на меѓународната коалиција во Јемен предводена од Саудиска Арабија. Тие имале карактеристики на иранско оружје и биле обележани со датуми на производство во 2016 и 2017 година.

На состанокот на Советот за безбедност, на кој ќе се разгледа извештајот на Гутереш, се очекува да присуствува и американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Извештајот на Гутереш исто така се однесува на иранските обврски од договорот за нуклеарна програма со Техеран. Во извештајот се заклучува дека Иран продолжува да ги исполнува своите обврски кои произлегуваат од договорот склучен во 2015 година.

ОН пред извесно време соопштија дека јеменските бунтовници истрелале ирански ракети кон Саудиска Арабија, но не можеа да потврдат дали овие проектили ги испорачала иранската Влада, спротивно на резолуциите на ОН.