Точно на пладне, со свечена церемонија беше пропратено подигањето на новото знаме на општина Охрид, пренесува Охридњуз.
Како што истакна градоначалникот Никола Бакрачески, изработката на новото знаме и грб следува по дадените забелешки и препораки од комисијата од УНЕСКО за неправилностите во изработката на старото официјално знаме и грб, на кое имало обележја кои се карактеристични за УНЕСКО.
– Ангажиравме професионални асоцијации кои изработија неколку варијанти од кои беше избрана оваа. Новото знаме ќе ги задоволи основните духовни, традиционални, историски, природни и културни обележја на градот Охрид. На него доминираат двете основни бои- обележја на Охрид- сината и белата боја . Среќен сум што присуствуваме на еден ваков исклучително историски и свечен чин, рече Бакрачески.
Градоначалникот информира дека веќе е ангажирана компанија која е задолжена за изработка и на новот грб, согласно одлуката на советот и дека за две до три недели грбот ќе биде изработен и истакнат на општинската зграда.