Новогодишната ноќ на плоштадите ќе се дочека главно со домашни пејачи

Иако впечатокот е дека најголемиот број на луѓе за Новата година ќе останат дома, вечерва голем дел од градовите имаат организирано дочек на плоштадите. За разлика од минатите години, преовладуваат настапите на домашните пејачи и групи. Општините го стегнаа ременот за трошење, па наместо пејачите од Хрватска и Србија, како до сега, ги ангажираа нашите пејачи. Интересно е што некои од нив ќе настапуваат и во два града, во едниот до полноќ, во другиот по полноќ. Покрај „Прљаво Казалиште“ кои ќе настапуваат пред хотел „Јадран“ во Центар и Ален Славица во Неготино речиси и нема друг пејач од соседството што ќе настапува вечерва кај нас.

На Плоштадот Македонија, скопјани ќе ги забавуваат Калиопи, Куку Леле, Тијана Дапчевиќ. На 200 метри подолу, пред хотелот „Јадран“ ќе настапуваат „Суперхикс“ и „Прљаво казалиште“.

Во туристичкиот центар Охрид за Нова година ќе пејат Викторија Лоба и Ламбе Алабаковски. За најлудата ноќ подготвени се и хотелите, кафулињата и рестораните. Речиси сите хотели имаат организиран дочек и се со исполнети капацитети. Освен охридските пејачи и групи, ќе настапат и музичари од најблиските градови. Пропадна идејата за настап на Лепа Брена и Харис Џиновиќ.

Каролина Гочева ќе пее на плоштадот во Битола. Оваа наша позната македонска пејачка, речиси секоја година настапува во нејзиниот роден град. За Нова година ќе пее пред нејзините сограѓани, а потоа празниците ги поминува со нејзините најблиски. Најмногу се радува што повеќе време ќе има да се дружи со нејзината внука. Во февруари ќе го одржи неколку концерти во МОБ, за да го промовира нејзиниот најнов албум „Македонско девојче 2“. Низ клубовите и рестораните во Битола главно ќе настапуваат забавни и народни музички групи.За љубителите на џезот и оние кои се „ежат“ на народна и турбо-фолк забава, во кафе барот „Порта џез“, ќе свират „Д свингерс“.

Годинава во Куманово се прекинува традицијата на настап на некоја хрватска или српска музичка ѕвезда.Кумановчани ќе ги забавуваат наши музичари „Нокаут“ и Тајзи, а по полноќ пак за загревање на атмосферата ќе има дувачки окестри.Во познатото кумановско „Етно село“ ќе пее Адријана Алачки, а по другите кафулиња и ресторани ќе има настапи на диџеи и бендови.

Струмица и Штип се едни од градовите во кои ќе нема организиран дочек на Нова година на плоштадите. Но по кафулињата и рестораните низ Струмица ќе има организирано дочек, а меѓу имињата кои ќе настапат се Елена Велеска, Благица Калева како и голем број на бендови на забавна и народна музика. Во Штип исто така ќе има организирани дочеци по кафулињата и дискотеките, а како најпримамливи се понудите во дискотеката „Ајс“ и кафулето „Енџелс“. Во хотел „Оаза“ ќе настапува Горан Тодоровски.

Викторија Лоба и Ламбе Алабаковски ќе ја вжештат атмосферата пред полноќ на Плоштадот во Прилеп, а прилепчани Новата годона ќе ја дочекаат со „Биоритам“. Денеска во текот на денот ќе има забава за најмладите со песничките од детскиот фестивал „Ѕвездички“, по што ќе следуваат „Пејшнс“ и Тајзи.

Неготино е еден од ретките градови во Македонија, каде што на плоштадот ќе настапува некој пејач од соседството. Хрватскиот поп- пејач Ален Славица ќе ги забавува неготинчани, а ќе има и штандови со вина и традиционални гурмански специјалитети.